Инфо  

Галерии

Обележување на Неделата за стари лица

Панел-дискусија на тема: „Здраво стареење и социјални сервиси за стари лица“

19.11.2019

Во рамките на одбележувањето на „Неделата за стари лица“ во организација на Црвениот крст на Македонија се одржа панел-дискусија на темa: „Здраво стареење и социјални сервиси за стари лица“ на која со свои дискусии учествуваа проф. д-р Иван Трајков од Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет - Скопје, Душан Томишиќ, посебен советник за социјална заштита и политика при Министерството за труд и социјална политика на РСМ и Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Претседателката на СЗПМ Трајкова најпрво на 320 000 пензионери им ја честиташе „Неделата за стари лица“, а потоа истакна дека новите проекти значат грижа за старите лица, особено отворањето дневни центри и социјални сервиси за нив кои се од големо значење во денешните услови на живеење. Таа во врска со здравото и  активното стареење рече дека активно стареење значи старост во добро здравје, активен член во општеството, исполнетост како личност, самостојност и поголема вклученост како граѓанин во сите нивоа на општествениот живот.
-Пензионирањето не треба да значи неактивност туку активно стареење за поголема самостојност. Додека старееме треба да сме во можност да раководиме со сопствениот живот што е можно подолго време. Тоа ќе се постигне доколку за старите лица не се размислува дека се товар на општеството, а за жал такви мислења постојат. Таа лекција пензионерите ја сознале многу одамна и уште пред 73 години го започнале своето пензионерско организирање. Уште тогаш  почнале  да се отвораат клубови и дневни центри. Денес во здруженијата на пензионерите има 450 клубови, и слободно може да се рече дека секојдневно се отвора по еден клуб каде што пензионерите се свои на своето. Факт е дека онаму каде што во огранокот на здружението  има пензионерски клуб, има и активно стареење. Остварување на активното живеење е една од основните цели утврдени со   статутите на  здруженијата која понатаму се остварува преку спортски активности, културно-забавна дејност, ликовни секции, секции на љубители на книгата, драмски секции, со поддршка на издавачката дејност  и творештвото и друго. Тука се и екскурзиите и прошетките кои го збогатуваат  пензионерскиот живот.
Во врска со грижата за старите лица,  општините имаат значајна улога во обезбедување здраво, активно и социјализирано стареење применувајќи го доследно членот 22 од Законот за локална самоуправа. Без помош и соработка со општините  здруженијата кои сами се финансираат тешко ќе може да отворат клубови или дневни центри.
Отворањето на социјални сервисни центри  за стари лица е за поздравување бидејќи тоа навистина  е можност  старото лице да остане подолго во својот дом. Улицата, пријателите домот не може да ги замени ниту најлуксузен старски дом, но доаѓа време кога мора да се тропне и на таа врата, но таа услуга треба да биде возможна и прифатлива и за пензионерите  со пониски пензиски примања, истакна меѓу другото Трајкова.
Останатите учесници на панел-дискусијата, подетално ја објаснуваа улогата на социјалните сервиси на стари лица кои ќе се отвораат во општините од страна на лица кои поседуваат соодветна лиценца односно сертификат за обезбедување квалитет на услугите. За воведување на овие сервиси аплицирале 60 општини, а  нивното  воведување значи вонинституционално сместување и згрижување за старите лица.

Посебно задоволство за претседателката на СЗПМ Станка Трајкова беше, што и беа врачени 9 признанија за здруженија на пензионери, членки на СЗПМ од Скопје, кои  на активистите ќе им бидат врачени на пригоден начин.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3