Akti  

Галерии

Врз основа на член  23 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2010), Собранието на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на седницата одржана на 10.03.2011 година, донесе

С  Т  А  Т  У  Т
НА СОЈУЗОТ НА ЗДРУЖЕНИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со Статутот се уредуваат целите и дејностите, организационата пос­тавеност и функционирањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (во натамошниот текст: Сојузот).
Статутот содржи: здружување и раздружување во Сојузот; име и седиште; цели и дејности со кои се остваруваат целите; органите и нивниот состав; начинот на избор и разрешување, траење на мандатот на членовите во органите; начинот на одлучување; застапување по закон; начин на стекнување и располагање со средствата; начин на остварување јавност и отчет во работата; начин на донесување, изменување и дополнување на Статутот; начин на постапување со средствата и имотот во случај на престанок на Сојузот и други прашања од значење за работата на Сојузот.

Член 2

Здруженијата на пензионерите на Македонија доброволно се здружуваат во Сојузот за остварување и заштита на целите и интересите на корисниците на пензија, за поцелосно и на единствен начин претставување пред надлежните органи на државата на нивните интереси, заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, за остварување на поцелосна и поквалитетна здравствена заштита, како и за координирање, збогатување и унапредување на културните, спортските и хуманитарните потреби и на други дејности на пензионерите на Република Македонија.

Член 3

Во Сојузот се здружени здруженијата на пензионерите од: Берово, Битола, Богданци, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар и Центар Жупа, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Злетово, Кавадарци, Кичево, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Лабуништа, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Неготино, Охрид и Дебрца, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш и Конче, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица, Тетово, Штип и Карбинци, Солидарност - Аеродром, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Тафталиџе, Чаир, Бутел, Шуто Оризари, Воените пензионери, Пензионерите од ОВР, Вевчани и Солидарни пензиoнери – Илинден.
Во Сојузот можат да се здружуваат и други здруженија на пензионерите под услови и критериуми утврдени со овој Статут.

Член 4

Во Сојузот може да се здружуваат здруженија во кои членуваат корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија кои се регистрирани во Централниот регистар и го прифаќаат Статутот и другите акти на Сојузот и ги почитуваат и спроведуваат одлуките на Сојузот.
Со барањето за прием во Сојузот, здружението на пензионери доставува: фотокопија од решението за регистрација во Централниот регистар на Република Македонија; Статут на здружението на пензионерите; Одлука за прифаќање на Статутот и програмата на Сојузот; Одлука за учество во финансирањето на дејноста на Сојузот; Одлука за овластување на органот на Сојузот да ја утврдува висината на делот од членарината за финансирање на дејноста на Сојузот; Одлука за овластување на органот на Сојузот да ја определува висината на задршката од пензијата за членарина на здружението и висината на придонесот за Солидарниот фонд и висината на испратнината на член на семејството на починат корисник на пензија и Список на членови на здружението со пристапници (доказ за бројот на членството).
Со здружување во Сојузот, здруженијата не го губат својството на правно лице и својата автономија со взаемно почитување и спроведување на својот Статут и Статутот на Сојузот.
Здруженијата на пензионерите членки на СЗПМ му доставуваат информации, извештаи, записници од седници и советувања, програми за работа и други материјали заради меѓусебно информирање, остварување потесна соработка и други дејствија според заедничка проценка на здруженијата на пензионерите и Сојузот.

Член 5

До раздружување на здружението на пензионерите од Сојузот ќе дојде: ако за тоа Собранието на здружението донесе одлука со двотретинско мнозинство од членовите за раздружување од Сојузот; не постапува согласно Статутот и одлуките на Сојузот; ако е донесена одлука од надлежен суд за престанок на здружението на пензионерите и ако е избришано од Централниот регистар на Република Македонија и поради статусни промени.

2. ИМЕ И СЕДИШТЕ НА СОЈУЗОТ

Член 6

Името на Сојузот е: СОЈУЗ НА ЗДРУЖЕНИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ НА МАКЕДОНИЈА. Скратено име на Сојузот е: СЗПМ.
Седиштето на Сојузот е во Скопје со адреса:
Бул. Кочо Рацин број 14, Скопје

Член 7

Сојузот има својство на правно лице и не може да се трансформира во друг вид на правно лице.

Член 8

Сојузот има печат и штембил.
Печатот е во тркалезна форма со пречник од 26 мм со текст кој гласи: Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија - Скопје и СЗПМ во средина.
Штембилот е во форма на правоаголник во големина од 6 х 2,5 см со ист текст како и на печатот, со место за број и датум.

Член 9

Сојузот го одбележува 20-ти септември, како Ден на пензионерите на Македонија.

3. ЦЕЛИ НА СОЈУЗОТ И ДЕЈНОСТИ СО КОИ ТИЕ СЕ ОСТВАРУВААТ

Член 10

Сојузот е невладина, непартиска и мултиетничка асоцијација на пензионерите и е самостоен во организирањето и остварувањето на целите, интересите и дејностите на здруженијата на пензионерите во Македонија - членки на Сојузот, за нивно остварување, утврдени со овој статут.

Член 11

Цели на Сојузот се :
- следење и проучување на остварувањето на уставните и законските права на корисниците на пензија, заради заштита и промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија и преземање на мерки за унапредување на социјалната положба и интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија;
- претставување пред државните органи во заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварување на поцелосна и поквалитетна здравствена заштита, збогатување и унапредување на културните, спортските и социјално-хуманитарни потреби на корисниците на пензија;
- остварување соработка со пензиoнерските асоцијации на пензионерите и старите лица, со цел за унапредување на организацијата, методот и содржината на работата на Сојузот и на системот на пензиското и инвалидското осигурување;
- следење и координирање на организирањето и начинот на дејствување на здруженијата на пензионерите членки на Сојузот за унапредување на формите на нивното организирање и начинот на дејствување, што се од интерес на сите корисници на пензија во државата;
- го следи остварувањето на постапката со закон на задршка од пензијата за посмртна помош и исплата на посмртна помош и средствата за членарината на членките на Сојузот;
- остварува соработка со други Сојузи со невладини и непартиски асоцијации и фондации, со хуманитарни организации, со цел унапредување на хуманитарната помош на корисниците на пензија со ниски пензиски примања;
- остарува соработка со Сојузот на синдикатите на Македонија, Црвениот крст на Македонија, ЗЕЛС и други, за заштита на правата од пензиското и инвалидското осигурување и унапредување на здравствената заштита на пензионерите;
- учество во работата на Економско - социјалниот совет на Македонија за прашања од интерес за пензионерите;
- учество на претставници во работата на Советот за социјална сигурност во Министерство за труд и социјална политика;
- остварува соработка со Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија во однос на солидарниот фонд - посмртна помош и членарина и врши размена на потребни податоци;
- остварува соработка со Фондот за здравствено осигурување на Македонија во унапредување на здравствената заштита на корисниците на пензија;
- учество на претставници на пензионерите во работа на управните одбори како и учество и давање на мислење во подготвување на законски проекти кои се во интерес на корисниците на пензија;
- ги организира, следи и проучува спортските активности на пензионерите во Македонија, со цел, унапредување, збогатување и проширување на интересот на пензионерите за практикување на разни спортски активности и форми за одржување на психофизичката активност на пензионерите. За таа цел непосредно организира регионални и завршни спортски игри на пензионерите;
- организира, следи, анализира и унапредува разни облици и форми на културно-уметнички и забавни дејности на здруженијата со организирање на ревии на песни, музика и игри, одржување на уметничко творење од областа на ликовната и драмската уметност, промоции и на други облици на творење;
- поттикнува издавачка дејност и творештво;
- поттикнува и договара спогодби со организации од областа на прометот, локалниот сообраќај, здравствената заштита, бањско-климатски одморалишта, културно-уметничките установи и други, за остварување на подобра соработка и бенефиции;
- се грижи за унапредување на чиста животна средина;
- остварува јавност и отчет во работата.

4. УПРАВУВАЊЕ СО СОЈУЗОТ

Член 12

Органи на Сојузот:
- Собрание
- Извршен одбор
- Надзорен одбор.

СОБРАНИЕ НА СОЈУЗОТ

Член 13

Собранието е највисок орган на Сојузот и го сочинуваат избрани претставници на здруженијата на пензионерите - членки на Сојузот.
Бројот на членовите на Собранието на Сојузот е во зависност од бројот на членовите на здруженијата, и тоа: здруженијата до 8.000 членови бираат по еден претставник, а здруженијата со над 8.000 членови, бираат по двајца претставници.
Членовите од став 2 на овој член се бираат од Собрание на здружението и не само по функција туку и од останати членови на здружението заради исполнување на пошироко делегатско учество во работата на Собранието на Сојузот.
По потреба, за подобрување на половата, националната и образовната структура, Собранието избира од редот на членовите на здруженијата - членки на Сојузот уште најмногу пет членови, на начин и постапка по предлог на Кандидационата комисија.

Член 14

Избраните претставници во органите на Сојузот извршуваат само една функција.
Собранието на Сојузот има претседател.
Сојузот има претседател кој истовремено е и претседател на Извршниот одбор.
Претседателот на Сојузот е законски застапник на Сојузот и го претставува во правниот промет и спрема трети лица.

Член 15

Надлежност на Собранието:
- донесува статут, програма, финансиски план, деловник за работа и други акти;
- формира Статутарна комисија;
- усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и ги објавува на својата веб-страница и во весникот „Пензионер плус”;
- одлучува за промена на целите на Сојузот;
- избира и разрешува претседател на Собранието, членови на Извршниот одбор, Надзорниот одбор и на Статутарната комисија;
- утврдува единствени критериуми во материјално-финансиското работење;
- донесува одлука за висината на учеството од членарината на здруженијата на пензионерите за финансирање на дејноста на Сојузот;
- одлучува за здружување и раздружување на здруженијата во Сојузот;
- одлучува за здружување или разделување од други сојузи и за зачленување во сојузи и меѓународни организации;
- одлучува за престанок на Сојузот со мнозинство гласови од сите здруженија членки на Сојузот;
- ги определува функциите во органите на Сојузот;
- одлучува и за други прашања кои не се во надлежност на другите тела на Сојузот.

Член 16

Претседателот на Собранието ги има следните права и обврски:
- ги свикува седниците на Собранието, го предлага дневниот ред во согласност со претседателот на СЗПМ, претседава со седниците и се грижи за редот и дисциплината во текот на седницата;
- распишува редовни и вонредни избори за избор на претставници за членови на Собранието;
- учествува на советувања со претседатели на здруженија на пензионери, на регионални и републички спортски натпревари и на ревии;
- присуствува на посети и приеми на претставници на органите на Државата, на меѓународни организации и друго;
- врши и други работи што ќе му ги довери Собранието.

Член 17

Собранието работи на седници.
Собранието, по правило, одржува седница по потреба, а најмалку двапати годишно.
Вонредна седница на Собранието може да се одржи по писмено барање на една третина од членките на Сојузот, Извршниот одбор и Надзорниот одбор.
Вонредна седница на Собранието се одржува најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за одржување.
Седница на Собранието свикува и со неа раководи претседателот, а во негово отсуство или спреченост најстариот член на Собранието на СЗПМ.
Начинот на свикување седница на Собранието, работата и донесувањето на одлуките, се уредуваат со деловникот за работа на Собранието.
Од седниците на Собранието се води записник, кој се доставува до здруженија.

Член 18

Собранието може да работи ако на седницата присуствуваат најмалку две третини од вкупниот број членови.
Собранието одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните.

Член 19

Собранието одлучува со јавно гласање, а за одделни прашања, по предлог од најмалку 20 членови, Собранието одлучува со тајно гласање.

Член 20

На член на Собранието на Сојузот ќе му престане мандатот пред истекот на времето за кое е избран во случаи:
а) кога сам ќе поднесе неотповиклива оставка;
б) кога неоправдано не учествува во работата на органите на Сојузот чиј член е подолго од 6 месеци;
в) кога ќе биде отповикан од Собранието на СЗПМ кое го верификувало мандатот.

ИЗВРШЕН ОДБОР НА СОБРАНИЕТО НА СОЈУЗОТ

Член 21

Извршниот одбор се состои од 21 член заедно со претседателот на СЗПМ кој е и претседател на Извршниот одбор и изборот се врши од редот на членовите на Собранието.
Извршниот одбор од својот состав избира потпретседател и секретар.
Извршниот одбор за својата работа му одговара на Собранието.

Член 22

Седница на Извршниот одбор свикува и со истата раководи претседателот на Извршниот одбор, а во случај на негова спреченост или отсуство потпретседателот или секретарот.
Извршниот одбор одлучува ако на седниците присуствуваат најмалку две третини од членовите на Извршниот одбор, а одлуките ги донесува со изјаснување на повеќе од половината од вкупниот број членови на Извршниот одбор.
За седницата на Извршниот одбор се води записник.
Записниците се доставуваат до членовите на Извршниот одбор.
Записникот од седницата на Извршниот одбор се усвојува на наредната седница на Извршниот одбор и се доставува до здруженијaта на пензиoнерите.

Член 23

Извршниот одбор:
- донесува деловник за својата работа;
- ги подготвува седниците на Собранието;
- го утврдува нацртот и предлогот на статутот и другите акти што ги дoнесува Собранието;
- ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието;
- формира стручна служба и врши контрола врз нејзината работа;
- управува и одговара за управувањето со имотот на Сојузот;
- поднесува годишен и периодичен извештај за својата работа;
- го утврдува предлогот на деловникот за работа на Собранието;
- ја определува висината на надоместокот на трошоците на лицата ангажирани за извршување на административно-техничките работи во Сојузот;
- одлучува за доделување благодарници, плакети, признанија и награди на поединци и организации;
- организира одржување трибини, советувања и семинари за одделни прашања од интерес за усовршување на начинот и методите на работа на здруженијата со претставници на здруженијата по региони или за целата Република;
- организира советувања и стручни расправи со познавачи на системот на пензиското и инвалидското осигурување, за реформите на системот и неговото усовршување и унапредување;
- организира конференции со новинари за запознавање на пошироката јавност по прашања од интерес за пензионерите;
- избира претставници во Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина;
- формира комисија за арбитража за мирно решавање на споровите;
- донесува одлука за реализација на финансиски план и одлучува за благајнички максимум
- одлучува за состави на делегации и посета во странство
- одлучува за висината на надоместокот на носителите на функции во органите на Сојузот;
- одлучува за висината на патни и дневни трошоци на претставниците во органите и за помошните тела;
- формира постојани и повремени работни тела (комисии) за конкретни активности, за следење и проучување на состојбите во одделни области од дејствувањето на здруженијата на пензионерите во Република Македонија и со нивните наоди и оценки го запознава Собранието;
- ги разгледува предлозите и поплаките упатени до него и до Собранието, ги проучува наводите во нив и презема мерки за решавање на истите, запознавајќи ги со нив подносителите на претставките и Собранието;
- врши и други работи што не се појавуваат во секојдневјето и по разни основи.

Член 24

Претседателот на Извршниот одбор ги има следните права и обврски:
- ги свикува седниците на Извршниот одбор, предлага дневен ред и раководи со седницата;
- го претставува и застапува Сојузот во правниот промет и спрема трети лица;
- ги извршува одлуките на Собранието и на Извршниот одбор;
- се грижи за законито и рационално користење на имотот, за средствата и за инвентарот на Сојузот;
- склучува и потпишува договори и други документи во име на Сојузот;
- одговорен е за реализација на финансискиот план;
- организира изготвување на Програмата за работа на Извршниот одбор;
- организира изготвување извештај за работа на Извршниот одбор;
- поднесува пријава за регистрација и за измени и дополнувања во Статутот;
- предлага состави за одбори и комисии;
- врши и други работи предвидени со овој статут и со другите нормативни акти на Собранието и на Извршниот одбор.

Член 25

Потпретседателот на Извршниот одбор ги има следните права и обврски:
- го заменува претседателот во случај на негово отсуство;
- се грижи за извршување на финансискиот план на приходите и расходите на Сојузот и за навремено изготвување на завршната сметка на приходите и расходите на Сојузот;
- подготвува материјали за седници на Собранието и на Извршниот одбор;
- врши и други работи што му ги дава претседателот и Извршниот одбор со деловникот и со другите акти и одлуки.

Член 26

Секретарот на Извршниот одбор ги врши следните работи:
- ги следи прописите од пензиското и инвалидското осигурување, здравствената заштита и други прописи што се однесуваат на корисниците на пензија и по истите дава мислења, предлози и иницијативи до Извршниот одбор и работните тела.
- оперативно ги спроведува одлуките и заклучоците на Собранието и на Извршниот одбор;
- организира и самиот подготвува материјали за седници на Собранието и на Извршниот одбор;
- ги извршува работите поврзани со закажувањето и одржувањето на седниците на Собранието, Извршниот одбор, Надзорниот одбор и на работните тела на Собранието и на ИО, како и одржување на разни советувања, семинари и симпозиуми;
- ја организира работата на Стручната служба и раководи со неа;
- ги заменува во случај на отсутност претседателот и потпретседателот;
- врши и други работи што ќе му ги довери Извршниот одбор и Собранието.
- за својата работа секретарот одговара пред Извршниот одбор.

Член 27

Според Законот за пензиското и инвалидското осигурување распоред на средствата од членаринaта го врши Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина и ги дозначува до сојузите, а тие до здруженијата членки на сојузите.
Регистрираната организација од став 1 на овој член е Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија бидејќи во својот состав има најголем број членови, по претходна согласност на сојузите на здруженија на пензионерите на Македонија.
Регистриранатa организација има одбор на регистрирана организација за солидарни средства и членарина, во која членуваат Сојузите.
Претседателот на Одборот е законски претставник на Регистрираната организација.
Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина донесува правилник со кој се утврдува начинот на работа, висината на задршката за посмртна помош и членарина, висина на исплата на посмртната помош, начин на распределба на членарината по сојузите и начинот на увид во исплатата на овие средства.
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија ја врши и административнaта работа за Регистрираната организација, односно Одборот од став 1 и 2 на овој член.

НАДЗОРЕН ОДБОР

Член 28

Членовите на Надзорниот одбор ги избира Собранието од пензионерите на членките на Сојузот и не може да бидат членови на Собранието на СЗПМ.
Надзорниот одбор се состои од претседател, заменик-претседател и три члена.
Надзорниот одбор одлучува со мнозинство од вкупниот број членови.
Надзорниот одбор донесува деловник за својата работа.

Член 29

Надзорниот одбор врши увид во материјално-финансиската документација и ја контролира правилната примена на прописите од материјално-финансиското работење и со наодот ги информира Собранието и Извршниот одбор.
Ја разгледува годишната сметка и периодичните пресметки за финансиското работење и за тоа поднесува извештај до Собранието и до Извршниот одбор.

ТРАЕЊЕ НА МАНДАТОТ НА ЧЛЕНОВИТЕ ВО ОРГАНИТЕ

Член 30

Изборите на органи на Сојузот се спроведуваат на секои 4 години.
Конститутивната седница на Собранието на Сојузот се одржува на секои четири години до крајот на месец април.

5. ЗАСТАПУВАЊЕ

Член 31

Претседателот на Извршниот одбор е законски застапник на Сојузот и го претставува и застапува Сојузот во правниот промет и спрема трети лица.
По негово овластување, Сојузот може да го застапува и потпретседателот или секретарот на Извршниот одбор.

6. СРЕДСТВА ЗА РАБОТА НА СОЈУЗОТ

Член 32

Сојузот средствата за финансирање ги стекнува од дел од членарина на здруженијата, доброволни прилози, донации, проекти, подароци (во пари, имот, имотни права), завеш­та­нија, легати, како и други приходи и со нив располага во согласност со законот и со Статутот.
Сојузот може да добива средства и од Буџетот на Република Македонија, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Скопје.

Член 33

Средствата за финансирање на дејноста на Сојузот се планираат и распределуваат со Финансискиот план за тековната година, при што мора да биде урамнотежен помеѓу приходната и расходната страна.

Член 34

Финансискиот план на Сојузот, по правило, се донесува до крајот на тековната година за наредната година.
Во зависност од потребите Собранието може во текот на фискалната година да врши ребаланс на Финансискиот план.
Во оправдани случаи, Собранието може до донесувањето на Финансискиот план да донесе одлука за времено финансирање на Сојузот, за првите три месеци на наредната фискална година, во висина на 1/3 од остварените приходи и расходи во претходната година.

Член 35

Наредбодавец за извршувањето на Финансискиот план на Сојузот е претседателот на Извршниот одбор, а по негово овластување во случај на негова отсутност, е потпретседа­телот или секретарот на Извршниот одбор.
Користењето на средствата од сметките на Сојузот е со еден потписник.

7. ЈАВНОСТ И ОТЧЕТ ВО РАБОТАТА

Член 36

Работата на Сојузот е јавна.
Седниците на Собранието и на Извршниот одбор и другите органи и тела на Сојузот се отворени за јавноста и за претставниците на средствата за јавно информирање.
Заради запознавање на јавноста со одредени состојби во здруженијата на пензионерите и со работењето на органите на Сојузот како и со остварувањето на уставните и законските права на корисниците на пензија, Извршниот одбор може да одржи конференција со новинарите или да издаде соопштение за јавноста преку средствата за јавно информирање.
За информирање на членовите и пошироката јавност се користи печатот, радиото, телевизијата и веб-страницата и весникот на СЗПМ „Пензионер плус”.

8. ДОНЕСУВАЊЕ, ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА СТАТУТОТ

Член 37

Нацрт на Статутот на Сојузот го изготвува Статутарна комисија формирана од Собранието, а го утврдува Извршниот одбор и го дава на јавна расправа пред здруженијата на пензионерите - членки на Сојузот.
Предлозите и мислењата од јавната расправа ги разгледува Статутарна комисија која го изготвува Предлог-статутот, што го утврдува Извршниот одбор и го поднесува до Собранието на Сојузот.
Статутот го донесува Собранието на Сојузот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Собранието.

Член 38

Автентично толкување на Статутот и статутарните одлуки и другите акти што ги донесува Собранието дава Собранието, а на актите што ги донесува Извршниот одбор дава самиот орган.

Член 39

За статусните промени и престанокот на Сојузот се одлучува според одредбите од Законот за здруженија и фондации.

9. ПОСТАПУВАЊЕ СО СРЕДСТВАТА И ИМОТОТ ВО СЛУЧАЈ НА ПРЕСТАНОК НА СОЈУЗОТ

Член 40

По престанокот на работата на Сојузот, имотот и средствата што остануваат по намирувањето на обврските ќе биде распределен на здруженијата на пензионерите - членки на Сојузот сразмерно на нивниот придонес во неговото создавање.

10. АДМИНИСТРАТИВНИ И СТРУЧНИ РАБОТИ

Член 41

За извршување на стручните работи за органите на Сојузот и материјално-финансиското работење, Извршниот одбор организира стручна служба која ќе ги извршува материјално-финансиските работи и канцелариското работење согласно со позитивните прописи.
Бројот на ангажираните лица во Стручната служба и нивните задачи го утврдува Извршниот одбор.

Член 42

Стручната служба од претходниот член изготвува периодични пресметки во тековната година како и завршна сметка за изминатата година, во согласност со постојните прописи.

Член 43

Стручната служба ги извршува одлуките, заклучоците и другите акти што ги донесуваат органите и телата на Сојузот.

11. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 44

Овој Статут влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе биде објавен и во јавниот весник на Сојузот „ПЕНЗИОНЕР ПЛУС” и ВЕБ страницата на СЗПМ.
Со влегувањето во сила на овој Статут престанува да важи Статутот број 01-01/179 од 10.03.2011 година.

Член 45

Актите на органите на Сојузот донесени пред влегувањето во сила на овој Статут ќе се усогласат во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила.

СОЈУЗ НА ЗДРУЖЕНИЈА НА
Бр. 533/2 ПЕНЗИОНЕРИ НА МАКЕДОНИЈА
Скопје 21.12.2015 год. СОБРАНИЕ

Претседател Драги Аргировски

СОЈУЗ НА ЗДРУЖЕНИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ НА МАКЕДОНИЈА

По Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статуот на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија јавната расправа по здруженија на пензионери траеше од 30 јуни до 30 септември 2015 година.
Во текот на расправата здруженијата дадоа свои мислења и предлози на Статутарната одлука која содржеше заеднички одредби за СЗПМ и здруженијата на пензионери со цел тие да бидат регулатива како на Статуот на Сојузот така и на Статутите на здруженија на пензионерите.
Со цел да се постигне усогласеност по одделни витални прашања од пензионерското организирање Извршниот одбор на СЗПМ, ги донесе следните препораки:

ПРЕПОРАКИ
за здруженија на пензионери - членки на Сојуз на зруженија
на пензионери на Македонија

1. За решавање на прашањето на декумулација на функциите во органите на здружението се препорачува избраните претставници да извршуваат само една функција.

2. Се препорачува здруженијата да имаат претседател на Собрание и претседател на Извршниот одбор кој истовремено е и претседател на здружението на кој начин не постои кумулација на функции бидејќи претседателот на здружението не е посебен орган.

3. За здруженијата на пензионери до 5000 члена е целисходно да имаат преседавач на Собрание и претседател на здружение кој истовремено е и претседател на Извршниот одбор на здружението.

4. Се препорачува здруженијата да не вршат исклучување на член од здружение, доколку е неопходно би требало да се исклучи само од органите на управување. Ова од причини што според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на пензионерот се одбива истовремено дел од пензијата за посмртна помош и членарина. Со оглед на тоа што членарината се дозначува во здружението, пензионерот има право да ги користи правата по тој основ и би требало и понатаму да биде член на здружението.

5. Се препорачува статутите на здруженијата да имаат одредби за одржување на избори на секои 4 години.

6. Се препорачува здруженијата на пензионери да ги усогласат своите статути со Статуот на СЗПМ вклучувајќи ја и Статутарната одлука за изменување и дополнување на СЗПМ до крајот на 2016 година

Скопје, декември 2015 година

Претседател Драги Аргировски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3