ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИOНЕРИ
7.9.2025Почитуван претседателе,
Како што е познато, до сите Здруженија на пензионери доставено е МИСЛЕЊЕ - ИЗВЕСТУВАЊЕ од Извршниот одбор на Сојузот на седница одржана на 8.8.2025 година, а во врска со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (Сл. Весник на РСМ број 154 /2025 г.) објавен на 29 јули 2025 година. Со овие измени е утврдено дека членот 37 од споменатиот закон не се применува во период од 1. септември 2025 до 31. март 2026 година. Меѓутоа, во тој период сите пензии што се во исплата на 1. септември 2025 година и на 1. март 2026 година се усогласуваат со ист износ добиен од процентот на порастот на платите и трошоците на животот поделен со вкупниот број на корисници на пензија и исплатен еднакво на сите пензионери.
Во споменатото МИСЛЕЊЕ-ИЗВЕСТУВАЊЕ информирани сте и за други прашања поврзани со усогласување на пензиите за што верувам дека сте ги запознале и надлежните органи на здружението.
Меѓутоа, до Сојузот пристигнаа информации од одредени претседатели дека од групата пензионери што протестира се бара Здружението да донесе Одлука за воведување на линеарно усогласување на пензиите, трајно, како системско решение.
Почитуван претседател, доколку од вашето здружение се побара донесување на таква одлука, во конкретниот случај треба да се има предвид МИСЛEЊЕТО -Известувањето на Извршниот одбор на Сојузот.
Во точката 4 е утврдено дека од Работната група формирана од Владата на РСМ за реформи на пензискиот систем се очекува да посвети соодветно внимание на институтот усогласување на пензиите, а Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија како надлежна организација за претставување на здруженијата односно пензионерите пред државните органи, а и преку Советот за Социјална сигурност каде има свои претставници е согласен да даде свој придонес.
На крајот, Ве известувам дека по завршување на Републичките спортски натпревари ќе одржиме работни средби со претседателите на Здруженијата, членки на Сојузот, на кои средби се планирани програмски задачи. На средбите ќе се оствари заедничко информирање за извршување на програмските задачи и предлози за натамошно решавање на прашања значајни за корисниците на пензија.
Со почит
СТАНКА ТРАЈКОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СЗПМ