Инфо  

Галерии

Драги Аргировски, претседател на СЗПМ, новинар и публицист

Информирањето значаен фактор во активностите на СЗПМ

30.10.2018

По повод 10 годишнината од излегувањето на првиот број на весникот „Пензионер плус“ како официјално гласило на СЗПМ со гордост се потсетуваме на извонредните напори и ентузијазмот за создавање на ова значајно гласило за тогашни, сегашни и идни пензионери во нашата земја. Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија,  невладина мултиетничка асоцијација, на  информирањето гледаше како на важен елемент во животот на пензионерите,  бидејќи ако нема точно и навремено информирање, изгледа како ништо да не се случува во оваа значајна масовна организација. Само добро информираниот пензионер е добар за Сојузот, за здружението, за себе и за општеството.

Вистинска најава за еден нов начин на информирање на пензионерите започна во јули 2008 година кога излезе првиот број на „Пензионер плус“ со што се отвори нова страница во историјата на информирањето на пензионерите и јавноста за масовната пензионерска популација и со тоа почна поцелосно да се разбива извесниот информативен мрак за оваа проблематика во Република Македонија. Во првиот број не случајно се укажува дека весникот и Веб страницата се крупен исчекор во информирањето и дека СЗПМ со околу 250.000 членови  има потреба од свој систем на информирање кој би требало да ги задоволи основните цели и задачи што се поставуваат во оваа област на база на вистинска и ефикасна информација. Запазувањето токму на овие постулати и богатите содржини придонесоа во овие години да се оствари голем исчекор напред во областа на информирањето на пензионерите на републичко ниво. Притоа, за одбележување е дека во овој период  весникот „Вечер“ како и „Нова Македонија“ беа секогаш на врвот во третманот на пензионерската проблематика во нашата земја.  

„Пензионер плус“ - весник на вистината

Од број во број весникот „Пензионер плус“ стануваше се поквалитетен, со голем број на актуелни, интересни и нови информации што ги немаше во другите медиуми. Започна да се остварува и првичната заложба весникот да стане гласило на вистината. Постојано се зголемуваше и дописната мрежа, што стана препознатлив знак. Моите истражувања како основоположник на вистинското информирање во СЗПМ, за пензионерите и старите луѓе во земјата и пошироко во опкружувањето, покажуваат дека како резултат на влијанието на информирањето на сите нивоа, голем број пензионери во рамките на Сојузот и во здруженијата на пензионери, од година на година се’ повеќе се вклучуваат во програмските активности во општеството, во пензионерскиот аматерски спорт, во фолклорните ревии и друго. Со тоа се задоволува и правото на информираност на граѓаните за активностите на

пензионерската популација, но и за поттикнување на разновидноста во мислењата и во идеите.

Да се има свој весник, независен, самостоен, има големо значење и е крупно достигање. Информативното месечно гласило на СЗПМ „Пензионер плус” со своите содржини за сегашни и идни пензионери, денес се печати во 6.000 примероци и е еден од најчитаните весници во Република Македонија бидејќи го има и во електронско издание, а се доставува до над стотина здруженија на пензионери во постоечките четири Сојузи со над 310.000 корисници на пензија и  во над 400 клубови на пензионери во Македонија, каде што неделно престојуваат и другаруваат околу 150.000 пензионери и граѓани.. Досега се објавени 123 броја со над 2.000 страници, со безброј наслови, текстови и фотографии, вести, информации, осврти, анализи, белешки, колумни и репортажи. Од 2011 година во „Пензионер плус“ се печати една страница и на албански јазик, а во весникот на албански јазик „Коха“ неколку години се објавува страница наменета за пензионери.

Поттикнување на меѓугенерациска, мултиетничка и меѓународна соработка

Во весникот „Пензионер плус“ во изминатата деценија се објавени повеќе написи и за соработката со локалните самоуправи и државните органи, со Фондовите за ПИОМ и ЗОМ, за  меѓугенерациска, мултиетничка и меѓународна соработка, за хуманитарни активности и друго. За сето тоа се пишуваше реално со факти, а преку написите и фотографиите читателите можеа да се препознаат и да се верификува нивниот вистински придонес за подигање на квалитетот на активностите во нивната средина, за нова подобра содржина во животот на пензионерите. Сето тоа  интерактивно влијаеше позитивно на околината и стана нов поттик за нови стремежи и постигања. Забележително место во весникот се даде за афирмирањето на активностите и ставовите на органите и телата на СЗПМ како непосреден интерес на пензионерите и јавноста. Значи, весникот „Пензионер плус“ придонесува и за информирање на пошироката јавност со состојбите на оваа популација и за нивните потреби, како и за анимирање на надлежните органи на Државата за потребите на пензионерите, за заштита и унапредување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, здравствената проблематика, за поттикнувањето на волонтерството, за зголемување на чувството на солидарност на помладата генерација кон нивните родители, баби и дедовци.  Притоа се шири аксиомата дека мудроста и искуството се насобрани кај постарите, а силата е кај помладите и дека заедно  се постигнува повеќе.

Прелистувајќи ги досегашните броеви на весникот можат да се забележат повеќе информации и од меѓународната активност на Сојузот и здруженијата. Посебен успех е постигнат со учество на истакнати автори и ансамбли од СЗПМ и здруженијата на престижниот  Меѓународен Фестивал за трето животно доба во Љубљана-Р,Словенија, каде девет години по ред достојно се презентира културното богатство и творештвото од Република Македонија. Многу написи има и за безброј успешни екскурзии и пикник средби, а е пишувано  и за повеќе проблеми од животот на оваа значајна популација.

Сето тоа е поместено и на Веб страницата на СЗПМ која во 2014 година доби нов изглед и содржина. На истата сега има и инфо и галерија на фотографии. Во архивата поместени се сите броеви на весникот „Пензионер плус”, како и на „Пензионерски видици“  од 2005 до денес.  На веб-страницата објавени се и билтените за спорт и фолклорните ревии, како и подстраници на  33 здруженија. За истакнување е дека оваа  веб-страницата, од ден на ден е се’ попосетена. Во овие 10 години страницата најмногу ја посетуваат посетители од Р. Македонија 86,95%, и тоа 19 % од Скопје, на второ место е САД со 225 прегледи, потоа

Србија, Германија, Франција, Канада, Русија, Бугарија, Индија и Кина.  Меѓу посетителите има владини и невладини организации, туристички работници, компјутерџии, социолози, спортисти, фолклористи, инструктори за здрава храна и други. Написи за СЗПМ повеќе пати беа објавени и во месечното издание Macedonia newspapers кое излегува во Канада, а се чита во САД, Австралија и Европа.

Лажните вести и говор на омраза-ерозија на новинарството

Во оваа време на експанзија на лажните вести и говорот на омраза во социјалните мрежи, и во некои медиуми се повеќе се налага потребата вистината да биде во преден план. Таа посакувана цел се посигнува само со добро, точно и навремено информирање. Благодарејќи на тоа во изминатите десет години на страниците на „Пензионер плус“ не е објавена ниту една лажна вест и шпекулација, иако денес за жал лажни вести станаа неизбежен дел од речиси секоја јавна комуникација, а без сериозно објаснување се и повеќето манипулации и клевети објавени во медиумите и јавноста. Лажните вести стануваат сериозна ерозија на новинарството и се против општочовечки и државни интереси. Многубројните вести без докази, се и против секакви слободи и демократии, а очигледната толеранција на говорот на омраза во медиумите и јавноста создава злонамерна информативна конфузија. Поради тоа, во земјите на Европската унија со право се води остра борба против вестите без докази, се донесуваат закони за нивна забрана  и се воведуваат драстични казни. Во таа насока мора да се вклучат научни, правни, медиумски, политички и други структури. Во овие услови  и информирањето на пензионерите  треба да биде двострано, вистинито и транспарентно, добро, точно и објективно, што истовремено ќе значи значајна брана против ширењето на лажните вести и говорот на омраза меѓу пензионерската популација и пошироко. Поради моето долгогодишно искуство сметам дека оваа проблематика за пензионерите треба повеќе да се третира во печатени медиуми, а  во радио и телевизиите (локални и национални)  да се воведуваат специјални емисии за стари луѓе и да се обнови емисијата „Трета доба“ на МТВ.

Во весникот „Пензионер плус“,  во „Пензионерски видици“ и во „Коха“, како и во печатените и електронските медиуми во нашата земја  треба се повеќе да се застапуваат  интересите на пензионерите и старите луѓе за подобрување на нивниот стандард и на условите за живеење за активно и здраво стареење. Секако дел од овие заложби ги надминуваат  локалните граници и се од државен интерес, кaко што се зголемување на пензиите, изградба  на нови пензионерски и старски домови за поевтино сместување на луѓето од оваа возраст, за што има голема потреба и интерес. И во Уставот на Република Македонија е утврдено дека државата се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. При тоа треба да се има во предвид дека и во нашата држава  се повеќе се зголемува улогата на граѓанското општество, што дава нови хоризонти и за активностите на здруженијата и на СЗПМ како масовна невладина и мултиетничка граѓанска организација.

Во СЗПМ при крај е и подготовката на иницијативниот Предлог -Закон на пензионерско организирање во Република Македонија во кој посебно внимание се посветува на целите и задачите на здруженијата и на Сојузи за преземање на мерки и активности за унапредување на животот во сите области во третата доба. Закон за пензионерско организирање во Република Македонија треба да придонесе за натамошно  зајакнување на СЗПМ и другите пензионерски сојузи како граѓански организации во интерес на оваа многубројна и значајна популација и државата.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3