Инфо  

Галерии

Активности на СЗПМ
Меѓународна соработка
Награди и признанија
Јубилеи
Секогаш го поддржувам и поттикнувам творењето на пензионерите

Интервју со Драги Аргировски, претседател на СЗПМ

16.10.2017
  • Почитуван претседателе, пред сѐ сакам да Ви кажам дека ми претставува голема чест и задоволство што имам можност да разговарам со Вас. Вие сте познат новинар, основоположник на Македонската радио-телевизија, публицист, општественик... Како го постигнувате сето тоа?

-Новинарството е многу динамична работа и кога уште во гимназиски денови се определив за оваа професија ми беше јасно дека без голем труд и сеопфатно следење на збиднувањата во светот, во нашата земја и во родниот град Куманово, не ќе можев да ги достигнам успесите на професијата, па и пошироко. Веднаш да додадам дека трудот е многу битен елемент за остварување на сите задачи во животот, бидејќи човекот колку да е талентиран нема да може да ги реализира поставените задачи без трудољубивост. Сепак, многу е битна и среќата во животот, таа ми помогна не само да бидам основоположник на Македонската радио и телевизија, туку и да го подготвам првиот телевизиски прилог на македонски јазик во далечната 1961 година. Во Македонската радио и телевизија се вработив на 1 септември 1960 година, како млад соработник во штотуку формираната Дневна редакција на телевизијата, а со динамична работа и секојдневно учење станав успешен дописник од родниот град, уредник на Дописната редакција на МРТВ, две децении уредник на ТВ-дневникот, уредник на информативната програма и на Новинарскиот клуб, помошник-одговорен уредник за програми на националностите и извршував ред други професионални функции и на тој начин напредував и во самата професија, станувајќи и помошник-генерален директор на МРТВ за програмски прашања, од која функција и се пензионирав. Значајно е и тоа дека во мојата четириесетгодишна професија во МРТВ известував од многу значајни настани, како што се скопскиот земјотрес, како и постземјотресната изградба и развој на градот Скопје. Бев  и известувач од сите значајни настани во Република Македонија, од конгреси на тогашното југословенско ниво, од Денот на независноста на Република Македонија и слично. Секако многу драги ми беа голем број репортажи од сите краеви на нашата земја, а за телевизиската репортажа „Македонците во  војводинска Јабука“ го добив високото признание наградата „Крсте Мисирков“ од ЗНМ. Напоредно со новинарството започнав и со публицистичка дејност, а за книгата „Од визии до стварноста и нови чекори“ ја добив Ноемвриската награда за публицистика на Општината Куманово во 1972 година. Тоа ми даде потстрек да подготвам над десет публицистички книги со тематика од разни области на животот.

  • Од 21 Ваша книга 8 се за пензионерската популација. Кажете нешто за нив?

-Со пензионирањето се определив мојата новинарска и публицистичка кариера да ја продолжам во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, каде што бев иницијатор на излегувањето на „Пензионерски видици“ прилог во Нова Македонија во 2005 година, како и на весникот за сегашните и идните пензионери „Пензионер плус“ во 2008 година, а продолжив и со публицистичката дејност подготвувајќи ги книгите од пензионерската проблематика. Прва книга за оваа популација ми беше „Неговото височество пензионерот“, потоа се  редеа: „Пензионерска сага“, „Во виорот на третата доба“, „Моето име е пензионер“, „Наши пензионерски времиња“ и „Аргументите ја осветлуваат вистината“. Во чест на 70 години од пензионерското организирање во Македонија ја подготвивме со Илија Глигоров книгата „Студија за пензионерското организирање“, а редакциски со пет автори (Драги Аргировски, Калина Сливова-Андонова, Станка Трајкова, Илија Глигоров и Мендо Димовски) подготвивме капитална монографија „Пензионерски постигања за почит“.

  • Со Вашето доаѓање за прв човек на СЗПМ многу нешта се променија, а особено начинот и содржината на информирањето на луѓето од третата доба. Како го реализиравте тоа?

-На 17 март 2009 година, на мојот седумдесетти роденден, бев избран за секретар на Извршниот одбор на СЗПМ, а две години потоа, станав и прв човек на оваа значајна невладина, неполитичка, мултиетничка организација. Со голем труд, одговорност и тимска работа го развивме информирањето како значаен сегмент во дејствувањето, бидејќи сфативме дека само добро информиран пензионер може да биде добар член на нашата организација и на државата. Во тоа имав сесрдна помош од главниот и одговорен уредник Калина Сливовска-Андонова. Покрај тоа со поинтензивно темпо ги продолживме во континуитет републичките спортски натпревари и ревиите на песни, музика и игри, што станаа препознатлив бренд на нашата организација. Многу е битно што ја развивме и дописничката мрежа на нашите информативни средства, при што беа „откриени“ повеќе новинари од третата доба, меѓу кои е и мојата сегашна соговорничка на која со драго срце го прифатив предизвикот да ме интервјуира. Во март 2015 година, едногласно повторно бев избран за претседател на СЗПМ, како признание на забележителните реформи во работата на пензионерската организација, како и за збогатени активности и акции, во духот на европските стандарди, што оставаат посебни траги во дејствувањето на оваа значајна граѓанска асоцијација.

  • Вие сте неуморен творец и поттикнувач на творењето на сите околу Вас, особено на пензионерите. Зошто ?

-Мојата девиза во животот е да се радувам на туѓите успеси и на туѓата среќа. Настојував и во третата животна доба пензионерите да имаат достоинствени услови за здраво и активно стареење, но и за творење. Меѓу пензионерите има голем број талентирани творци. Во изминатите години голем број од нив, својот талент го покажаа на ревиите на песни, музика и игри, на отворањето изложби на слики, цртежи и на домашни ракотворби, на издавање книги на поезија и проза и друго. Сето тоа ме радуваше, а се радувавме и сите заедно кога пензионерите ги промовираа своите први поетски дела или уметничка слика и други творби. Навистина тоа се незаборавни моменти. За поттикнување на оваа дејност СЗПМ неколку години објавуваше и јавен конкурс за доделување средства за поддршка.  

  • Верифицирано ли е сето ова, Вашиот труд од опкружувањето, но и од државата?

-Вложениот труд е неизмерлив и секое признание е добредојдено и поттикнувачко. Добитник сум на повеќе награди и признанија меѓу кои и „Златно перо на хуманоста“ од Црвен крст на Македонија, признанието „Мајка Тереза“, имам три одликувања, многубројни благодарници и плакети и друго. Горд сум што во 2012 година бев избран за „Личност на годината“ од читателите на најпознатиот весник „Нова Македонија“, а потоа и на највисокото државно признание престижната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на новинарството и публицистиката. Истовремено сето ова беше и признание на сите пензионери во нашата земја.

  • Вашите идни планови?

-Најмногу се ангажирам за натамошен развој на пензионерската организација во нашата земја, за доброто на сите пензионери, нема да престанам со новинарската работа, а имам натамошни планови и во публицистичката дејност. Сѐ што се работи со срце и душа човекот не го заморува, туку го исполнува и релаксира.

Од книгата на Вукица Петрушева 

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3