Инфо  

Галерии

Активности на СЗПМ
Меѓународна соработка
Награди и признанија
Јубилеи
Акцент на масовните активности

Интервју со Нијази Џелили, претседател на ЗП Гостивар

18.8.2017
  • Претседатели Џелили, најнапред кажете ни кои се главните и конкретни ангажирања на здружението на пензионери од Гостивар?

-Здружението секоја година носи програма која се базира на барања кои се од интерес за пензионерите. Според неа учествуваме на сите манифестации што ги организира СЗПМ, како и на оние кои ги организираат здруженијата со кои остваруваме соработка. Кога ова го истакнувам мислам на собирите со пензионери што се одржуваат во повеќе историски места и градови во земјата, но и сами сме организатори на повеќе екскурзии. Организираме и традиционална пензионерска вечер со масовна посета на повеќе од 400 пензионери. На овие вечери имаме повеќе национална програма. Исто така учествуваме на сите регионални и републички манифестации од областа на спортот, како и на ревиите на песни, музика и игри, каде забележуваме видни резултати и добиваме силни аплаузи.

  • За луѓето од третото доба обично се вели дека се со кревко здравје. Што правите за ублажување на овие состојби?

-Имаме договори со сите бањи во Македонија за претстој на пензионери членови на нашето здружение по намалени цени. Нашите членови ги стимулираме и со по 300 денари дневно за претстој на бања, а со ваков износ партиципираме само за оние со ниски примања во семејствата. Најмалку 50 пензионери годишно ја користат оваа помош. Исто така, на околу 30 пензионери со ниски примања им доделуваме еднократна парична помош, особено кога е во прашање лекување.

  • Од она што го кажувате, се забележува дека во вашето здружение применувате главно масовни форми на поддршката на пензионерите. Како успеавте во тоа?

-Нашето здружение функционира на подрачје на три општини: Гостивар, Маврово – Ростуше и Врапчиште. Во нив функционираат 23 ограноци со вкупно 6.600 членови. Остваруваме тесни врски со ограноците и нивните 33 делегати во собранието. Добро функционира и Извршниот одбор кој брои 11 членови и Надзорниот одбор со 5 членови. Активни се и петте постојани комиси. Остваруваме вистинска координација со сите што условува добри резултати во работата.

  • Повеќе од 10 години во судска постапка ја барате вистината за сопственоста на таканаречениот „стар пензионерски дом“ во Гостивар. Може ли во најкуси црти да ни кажете како дојде до тоа да ја изгубите сопственоста?

-Една мала предисторија. Во 1970 година, кога завршува градбата, домот е даден на трајно користење на здружението на пензионерите од Гостивар. Во него биле сместени 21 семејство пензионери, а приземните простории биле за потребите на здружението. Во 1994 година надлежни органи во државата овие домови ги пренесуваат на Фондот за ПИОМ. Во посебни судски постапки повеќето успеаја да ги вратат. Во Гостивар тоа не се случи. Изминуваат над 10 години, а ние и натаму остануваме во судовите да ја докажуваме вистината и да ја бараме правдата.

  • До каде е работата?

-Ние поседуваме имотен лист за сопственост на име на здружението од 15 јуни 2012 година. Затоа остануваме упорни да се избориме за правдата, со која ќе се потврдат нашите уверувања и докази. Се надеваме на позитивен исход.

  • Вие сте претседател на едно од поактивните здруженија. Што ќе кажете за вашето лично ангажирање?

-Во личноста на претседателот на здружението се и претседател на Собранието и на Извршниот одбор. Јас на оваа должност се наоѓам од 30 август 2008 година. Се ангажирам за целосна реализација на програмските определби, за функционирање на органите и телата, за соработка со повеќе здруженија во земјата, со СЗПП, а во Подградец Албанија,  сум прогласен за почесен член. И Здружението и јас лично имаме добиено повеќе благодарници и признанија, што го потврдува нашето, но и моето лично успешно ангажирање. Максимално сум и посветен на работата и јас и мојот тим. Така ќе продолжиме и понатаму.

Гојко Ефтоски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3