Инфо  

Галерии

Информација во врска со емисијата на ТВ 24 на авторот Билјана Секуловска емитувана на 5.3.2023

22.3.2023

На 3.3.2023 година на барање на новинарката на ТВ 24, Билјана Секуловска, имаше средба во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Новинарката дојде со цел да дознае каде се трошат парите од членарината на пензионерите.

На средбата беше објаснето сe, а меѓу другото дека Сојузот работи јавно и транспарентно, а докази за тоа има и познати и се на јавноста.

Средствата за членарина, со согласност на пензионерот, ФПИОСМ ги доставува до Регистрираната организација за солидарен фонд за посмртна помош и членарина, на посебна сметка определена од 4-те сојузи. Овие средства сојузите ги распределуваат до здруженијата, нивни членки. Тоа значи дека патот е добро познат и регулиран со соодветна правна рамка. Во оваа постапка СЗПМ ја врши само административно-техничката работа за потребите на Регистрираната организација за солидарен фонд за посмртна помош и членарина.

Основно и главно прашање на новинарката беше каде се трошат средствата од членарината на пензионерите и дали е познат патот на нивното движење. Беше даден следниот одговор:

  1. Здруженијата на пензионери средствата од членарината ги користат според своите програми и финансиски планови под контрола на нивните надзорни одбори, како и надлежните институции во државата.
  2. Иако здруженијата на пензионери се самостојни правни субјекти, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија има донесено Одлука за утврдување единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата и Сојузот. Со оваа Одлука утврдени се намените за кои се користат средствата од членарината со дикција „од-до“ и во тие рамки здруженијата самостојно си носат свои одлуки.
  3. Заради големиот интерес како се трошат средствата од членарината, објавен е напис во три весници „Пензионер плус“ во различни временски периоди. Еве само дел од тој напис: отворање и одржување на 450 клубови на пензионери, одржување на пензионерски домови, активности на ограноци, социјално-хуманитарни активности, поддршка на издавачка дејност и издаваштво, традиционални културни и спортски активности заради активно стареење, помош на пензионерите за набавка на огревно дрво, партиципација со средства при бањско лекување, набавка на лекови и на ортопедски помагала и низа др. социјални и солидарни активности како и издавање на бесплатниот весник „Пензионер плус“, билтени и друго.
  4. Исто така, закачени се пет (5) години наназад (од 2017 до 2021) годишните сметки на Сојузот и извештаите за работа на Сојузот на веб-страницата на СЗПМ, се објавени и во весникот.
  5. Во весникот „Пензионер плус“ се објавува секоја седница на Извршниот одбор и на Собранието на Сојузот, а на нив секогаш се поместени одлуки за секоја финансиска потрошена пара.
  6. На 6, 9 и на 12 месеци се подготвува финансиски извештај со анализа на секоја ставка и тоа се усвојува на седници на надлежните органи со извештај на Надзорниот одбор.
  7. Исто така, покрај тоа се објавуваат написи од здруженијата на пензионерите од нивните отчетни седници на кои има податоци за нивната работа, иако тие се самостојни правни лица.

И покрај дадените објаснувања, во емисијата не беа објавени овие факти туку на изненадувачки и чуден начин се фрли сомнеж дека не се знае каде одат средствата од членарината на пензионерите. Беа дадени само изјави на двајца пензионери од едно здружение, кои ги „избрале“ од 290 000 пензионери, членови на СЗПМ. Интересно истражувачко новинарство!

, На вагата на вистината на едната страна беа ставени двајца пензионери кои се огорчени што не се избрани во некое тело, не биле на некоја екскурзија или се политички поттикнати, а на другата, останатите 290 000 пензионери!

Особено сме изненадени и од непримерниот и без почит разговор со министерката за труд и социјална политика на која новинарката и поставуваше прашања и на кои самата дури одговараше, без да дочека одговор, не потенцирајќи го она што е точно, туку со некакви чудни паузи ги искривуваше нејзините одговори.

ЗАКЛУЧОК:

Изразуваме огромно незадоволство заради фрлениот сомнеж каде се трошат средствата од членарината на пензионерите бидејќи ако имало неправилности во трошењето на средствата од членарината, немало да опстанат здруженијата и Сојузот цели 77 години?

Зачудени сме од ваквото „истражување на вистината“ во време кога сите се бориме вистината да види виделина и да бидат тргнати лажните вести и дезинформации кои поттикнуваат немири, сомнежи, дилеми. Се прашуваме зошто е ова потребно и во чиј интерес се поведува сето ова бидејќи ваквото „истражување“ ги урива реномето на ТВ 24 и на многу значајната професија: новинарство, особено што ова се случува токму во време кога пред 2 дена во Сојузот имаше работилница и се потпиша Меморандум за правилно и вистинито информирање.

Од новинарката Билјана Секуловска очекувавме еден поинаков истражувачки пристап во потрага по вистината базиран врз база на факти. Не е јасно од кои причини го згрешила патот при нејзиното истражување?

Станка Трајкова
Претседател на СЗПМ

Оваа информација да се достави до:
гл. и одговорен уредник на ТВ 24
Министерството за труд и социјална политика
ЗНМ

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3