Инфо  

Галерии

ЗП Прилеп, Разговор со претседателот на прилепското пензионерско здружение Славко Трајкоски

Хуманоста и грижата за членството најважни

15.3.2022

Разговорот со претседателот на ЗП Прилеп, Славко Трајкоски го водевме во време кога  пандемијата од ковид-19 попушти и овозможи полабаво комуницирање и меѓу  пензионерите.

    Почитуван претседателе Трајкоски, најпрво кажете ни колку членови има на списокот на  Здружението, или поточно  колку членови  секој месец плаќаат по 30 денари членарина кои одат на сметка на здружението за негови активности?

-Ние сме едно од поголемите здруженија на пензионери, членки на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, со нешто повеќе од 14 450 членови. Точно преку Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на членовите што потпишале изјава за членство им се запираат по 30 денари, но 2,5 денари остануваат во касата на СЗПМ за тамошни и заеднички активности, а со  другите средства ги реализираме активностите што секако не се за потценување. На почетокот би кажал дека ние како Здружение на пензионери постоиме нешто повеќе од 70 години. Сме организирани во 19 пензионерски ограноци во градот и други населени места, бидејќи во нашето здружение членуваат и пензионери од општините Кривогаштани и Долнени. Здружението има добра соработка со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и чест за нашето здружение е што претседателот на Собранието на СЗПМ е делегат од нашето здружение. Имаме наш член и во правно-економскиот форум, во Комисијата за културно-забавен живот на Сојузот, член на издавачкиот совет на весникот на „Пензионер плус“, а претседателот на статутарната комисија при Сојузот е исто така член од редовите на нашето здружение. Со други зборови застапени сме во повеќе органи и тела на Сојузот, и придонесуваме со квалитетни кадри.

    На што беа насочени активностите на Здружението за време на пандемијата од ковид-19?

-Се знае, сите активности што ги имавме планирано, беа редуцирани заради пандемијата и заради заштита на нашето  членство кое за жал е во ризична група на жители, односно сме во популарната „трета доба“. Сепак имавме доста активности што не вбројува во редот на најдобрите 53  здруженија  во рамките на СЗПМ. Мислам, дека направивме доста за нашето членство. Еве ќе ги набројам активностите што ги реализиравме во минатиот период:

ЗП Прилеп е здружение со најмногу пензионерски клубови во нашата земја. Имаме 13  клубови на територијата на трите општини  од каде што се опфатени сите членови. Отворивме и опремивме нов клуб во населбата-огранокот „Варош“ каде што го решивме прашањето за просторна активност засекогаш. Со сопствени средства купивме простор за пензионерски клубови,  а и ги опремивме и клубовите во  ограноците  „Точила“ и „Корзо“.  Со доделување на просторија во зградата на пензионерите во центарот на градот од страна на Фондот на ПИОСМ од нашиот град, добивме и опремивме нов клуб во огранокот „Бончејца“, ги реновиравме и опремивме клубовите во Кривогаштани и огранокот „Сточен пазар“. Извршивме адаптирање и преградување на големата просторија во ограноците Рид 1 и Рид 2.  Овде секако не би требало да се заборави големото реновирање и опремување на Централниот клуб и канцелариските простории на ЗП Прилеп, а во план е изнаоѓање на просторија поголема од сегашната во огранокот „Вишне“.

Во време на 2021 година, во Прилеп, под покровителство на СЗПМ  се одржаа три регионални пензионерски средби. На спортски план се одржаа регионалните спортски игри на пензионерите.  Нашите, прилепските екипи освоија  најмногу први места, и се пласираа за учество на Спортската олимпијада во Велес и го освоија петтото место. ЗП Прилеп беше домаќин на Регионалната ревија на песни музика и игри и  на манифестацијата по повод 75-годишнината од пензионерското формирање во Македонија и 100-годишнината од раѓањето на големиот македонист поет, Блаже Конески.

    Кои други активности беа реализирани во 2021 година?

- Ги има многу, но ќе се обидам да набројам уште некои од нив. Главно станува збор за активности на хуманитарен план. Комисијата за здравство  во 2021 додели 2.000.000 милиона денари за болните пензионери, 25.000 илјади денари на пензионерите што користеа бањско лекување, а нешто повеќе од 800.000 денари им додели на два наврати на пензионерите со ниски пензиски примања, за што бевме прогласени и наградени со посебна благодарница од страна на СЗПМ. Оваа благодарница ни беше доделена на Денот на пензионерите, 20 септември, а СЗПМ за првпат  воведе ваква награда. Секако треба да се каже, дека нашето здружение меѓу сите 53 членки, здруженија во Сојузот лани додели повеќе од 3.000.000 милиони денари за своите членови.  Комисијата за одмор и рекреација имаше планирано повеќе активности, но заради пандемијата мораше да ги редуцира и организираше само 3  екскурзии со по 160 членови, или некаде околу 500 учесници. Активност забележа и Активот на жени. Беше собирана облека и средства за децата од селото Манастирец-Македонски Брод, а пред Нова година беше посетен  Домот за стари лица, каде што за штитениците КУД „Пенка Котеска“  одржа музичко-забавна приредба. Добра соработка имаше и со боречката организација, односно Сојузот на борците и почитувачите на борбените традиции, зашто мора да се признае дека и таму членуваат повеќе наши членови-пензионери. Да не должам лани иако во состојба на пандемијата од ковид 19 имавме доста активности. - ни рече на крајот, претседателот на ЗП Прилеп, Славко Трајкоски. 

К.Ристески
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3