Инфо  

Галерии

Меѓународна соработка на СЗПМ

Долгогодишната соработка и пријателство со Словенија се интензивира

14.3.2019

На 13 март 2019 година делегација на Фестивалот за трета животна доба во Љубљана (ФТЖД) во состав: Марјан Шифтар и Андреј Јус, потпредседатели на Програмскиот совет на ФТЖД, Јанез Левец, Тихомир Ковачич и Мелита Ремшкар директори во „ПРОЕВЕНТ“ и Вања Ситар програмски раководител во ФТЖД, во посета на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. На официјалниот состанок во просториите на Сојузот делегацијата ја прими претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, а присуствуваа и: Бесник Поцеста претседател на Собранието на СЗПМ, Салтир Каровски потпретседател на Извршниот одбор на СЗПМ, Станка Трајкова секретар на Извршниот одбор на СЗПМ и Калина С. Андонова претседател на Комисијата за информирање во Сојузот. На присутните прв им се обрати и им посака топло добредојде претседателот на СЗПМ Драги Аргировски кој меѓу другото истакна:
-Со Сојузот на пензионери на Словенија соработуваме веќе 10 години. Тоа е јубилеј на вистинско и искрено пријателство. Во изминатите години раководствата на двата Сојуза работеа за интересите на пензионерите во двете земји. Интензивна соработката континуирано се одвива од двете страни на највисоко ниво на раководствата со размена на искуства и на културен план со учеството на здруженија на пензионери членки на СЗПМ на ФТЖД. Благодарение на тоа здруженијата и пензионерите од нашата земја го афирмираа нашето културно богатство и традициите во Словенија и пошироко. Се надеваме на поинтензивна соработка и во иднина, а особено очекуваме нивна поддршка и помош за реализирање на нашата идеја за одржување Балканска фолклорна ревија во Скопје. – Потоа, претседателот Аргировски подетално ги образложи најактуелните активности на Сојузот.

Заблагодарувајќи се на топлото добредојде и прием амбасадорот Марјан Шифтар рече.
- На почетокот сакам да ви ги пренесам поздравите на сите оние кои сакаа да дојдат во Македонија, а од оправдани и објективни причини не дојдоа. Посебен поздрав испрати почесниот претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Словенија Антон Донко. Покрај поздравите сакам да го истакнам нашето задоволство што се среќаваме со вас, наши долгогодишни соработници и пријатели. 10 години не е мал период. Вашето учество на Фестивалот за трета животна доба во Љубљана секогаш беше забележително и убаво. И во иднина ќе го помагаме вашето учество во границите на нашите можности на секој план лобирајќи и на највисоко ниво кај претседателот на Парламентот и преку амбасадорите на двете држави. – Потоа зборуваше за активностите на словенечките пензионери кои ги има над 600 000, кажа за одмрзнувањето на нивните пензии по 4 години, за нивното усогласување и друго, потенцирајќи дека соработката преба да се прошири со нови содржини и форми, вклучително организирање на посети и екскурзии меѓу пензионерите.

Тихомир Ковачич, извршен директор на „ПРОЕВЕНТ“ зборуваше за организацијата на Фестивалот за трета животна доба која се одвива преку целата година и на проектот работат 7-8 луѓе, а вклучени се над 80 организации поврзани со пензионерската популација.
-Вашето 10-годишно учество на 19 Фестивал за трета животна доба ќе биде одбележано на посебен начи, а ќе помагаме и за организирање Балканскa фолклорна ревија.

Од СЗПМ гостите добија примероци од Монографијата за 70-годишнината на пензионерското органзирање, публикации, цд-a од ревиите и спортските натпревари и цд од Тоше Проевски. Делегацијата од Словенија го искористи престојот во Скопје, заедно со  членот на Комисијата за меѓународна соработка Илија Глигоров, да го разгледаат Скопје неговите знаменитости.

Калина С. Андонова
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3