Инфо  

Галерии

Активности на СЗПМ
Меѓународна соработка
Награди и признанија
Јубилеи
ЗП Пробиштип

Во Пехчево спој на дувачки оркестри и изворен фолклор

1.9.2018

Во прекрасната живописна и питома Малешевија, на 6 километри од Берово, сместено е  преубавото мало гратче Пехчево, кое плени со својата убавина, чистиот воздух и бистрата планинска вода, мало, но вкусно уредено со куќи покрај улиците кои наликуваат на цветни градини. Со раскошната убавина и разнобојните цвеќиња му пркосат на јулското сонце, а на градот му даваат посебен шарм.
Токму овде, во прегратките на Малешевските планини, во Пехчево, од 12-ти до 14-ти јули, во чест на големите православни празници „Св. Петар и Павле” се одржа 6-тото издание на фестивалот на дувачки оркестри, традиционален фолклор и пеачки групи од Македонија, Србија и Бугарија. Три дена, на градскиот плоштад вриеше како во кошница. Вљубениците во убавата музика од Пехчево и околните градови се најдоа овде за да доживеат три незаборавни денови.
-Фестивалот започна на 12-ти јули, со утринско будење во 8 часот со дувачкиот оркестар од Битола, а во вечерните часови, по традиционалното дефиле, низ улиците во Пехчево, на градскиот плоштад се редеа настапите на дувачките оркестри од Србија, Бугарија и Македонија. Се’ до раните утрински часови на 13 ти јули посетителите уживаа во овој вид на музицирање, а на празникот Павловден денот им беше посветен на изворниот фолклор, на традициите и вокалните изведби, - ни рече во разговор организаторот на фестивалот Живко Каликов.

Цел ден, на импровизираната бина и на градскиот плоштад се нижеа настапите на фолклористите од Македонија, Србија и Бугарија, а ги имаше од повеќе генерации. Можеа да се проследат кореографите на младите учесници од 7 до 15 години, но и незаборавните обичаи, песни и ора што ги прикажаа пензионерите од повеќе места во Македонија. Од пензионерските здруженија ги проследивме настапите од Делчево со познатата Копачка, КУД „Весели пензионери” од Пробиштип се претстави со колажна програма од 20 минути, а пензионерите на КУД „Ѓоко Симоновски” од Куманово го изведоа обичајот „Седенка” проследен со песни и ора. Пензионерите од Русиново понудија ѓердан од изворни песни, а тука беше и настапот на домаќините преку пеачката група „Пензионер". Вниманието на посетителите го свртеа и младите таленти од Пехчево, кои беа вистински бисер на фестивалот.
Впечатоците беа незаборавни, зашто на едно место се најдоа повеќе генерации и секој од нив се трудеше што поавтентично да го изведе орото или обичајот. Сцената блескаше од богатиот колорит на изворните носии, а надалеку одекнуваа звуците од гајдите, кавалите, зурлите и тапаните, придружувани со прекрасните гласови на вокалните изведби. Последниот ден од фестивалот, беше отстапен на дувачките оркестри, а доцните часови на ДЏ-ите и младите.
Се’ на се’, од Пехчево сите заминавме задоволни, побогати за уште едно музичко доживување. Можеби убавината на фестивалот беше во тоа што истиот немаше натпреварувачки карактер. Ревијалните настапи создадоа атмосфера на меѓугенерациско дружење, уживање во прекрасните изведби и желбата секој да го прикаже најубавото од крајот од кој доаѓа.
-Ние од Пехчево, како и гостите од соседството, долго ќе се сеќаваме на изведбите, прекрасните гласовни можности и меѓугенерациско дружење што беше и наша цел, - ни рече на крај Каликов.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3