Инфо  

Галерии

Активот на пензионерките од ЗП Битола го одбележаа 4 ноември, Денот на ослободување на градот

5.11.2017

ЗП Битола  секоја година  во рамките на предвидените програмски активности за одбележување на Денот на ослободување на градот, се вклучува со низа манифестации.
Со своја програма и едночасовен настап, на 2. ноември 2017 година, во салата на градската библиотека, пејачката група ,,Сирма Војвода“, се приклучи кон одбележувањето на овој значаен датум на градот. Од пред десетина години, оваа манифестација прерасна во традиција. За значењето на 4 ноември, историскиот настан и Денот на ослободувањето на Битола, краток говор одржа потпретседателот на ЗП Битола Цветанка Ангелевска, која  го истакна значењето и придонесот на пејачката група ,,Сирма Војвода“ од ЗП Битола.
- Нашата пејачка група е презентер на старата македонска народна песна, на носијата, но и на битолската традиција која со искрена љубов се негува повеќе години. Насекаде каде што настапува таа остава белег на културата на градот од каде што доаѓа. Со негувањето на традиционалните музички ноти ја оттргнуваат од заборавот песната која со векови се негувала во нашиот град, - истакна Цветанка Ангелевска. Во едночасовниот настап, пред многубројната публика пејачката група ,,Сирма Војвода“, изведе сплет на народни песни, а како гости се претставија од пејачката група при ЗП Прилеп.
По повод 4 ноември, Денот на ослободувањето на Битола, Активот на пензионерките организираше прослава и  го одржа своето годишно собрание. 
- И оваа, како и секоја година наназад, во овој период, вршиме анализа на нашата работа и на постигнатите резултати за годината што изминува. Тоа е  анализа на работењето на претседателството на Активот, но и на членството. Човек навистина се чувствува задоволен, исполнет од она што го постигнал, што од друга страна пак му дава  мотив повеќе за ангажирање во иднина. Сублимирано во една реченица би било: с? што сме предвиделе како активност, на наше задоволство и сме го оствариле.  Морам да истакнам дека Активот е ангажиран во рамките на активностите на нашето пензионерско Здружение, но и во активностите кои се однесуваа само на пензионерките, - истакна меѓу другото претседателката на Активот на пензионерките при ЗП Битола Марика Илиевска.
На овогодишната прослава присуствуваа и активи на пензионерки од повеќе здруженија  од Република Македонија, членки на СЗПМ. Свои претставници имаа активите на пензионерки од Битола, Инвалидските пензионери од Битола, Прилеп, Охрид и Дебрца, Ресен, Кавадарци, Радовиш и Конче, Кичево, Демир Хисар, Карпош, Бутел, Струга, Штип, ОВР на РМ и  Гази Баба. Главната свеченост се одржа во ресторанот ,,Император“ каде што присуствуваа повеќе од 400 пензионерки. На свеченоста претседателот на ЗП Битола Томе Илиовски  ги поздрави присутните и рече:
- Активот на пензионерките од нашето здружение претставува значајна алка во животот на пензионерското дружење. Бележитите и значајни активности кои ги спроведоа оваа година се навистина за секоја пофалба, особено за организацискиот одбор и нивното претседателство. Сериозноста во пристапот и ангажираноста, упорноста на членовите  при извршување на секоја нивна активност е пример како треба да се работи. Ние како Здружение секогаш ќе ги поддржиме нивните активности, - истакна претседателот на битолските пензионери, кој и овој пат ја посочи нивната активност како мотивација и активирање на целото членство.  
Колку да потсетиме, токму Активот на пензионерките при ЗП Битола е организатор  на многубројните средби со уметници, научни работници, писатели, луѓе од културата, на организирани изложби, посети, патувања и друго и веќе планира активности и ангажирање во следната година.

Добре Тодоровски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3