Инфо  

Галерии

Eднакви можности на жените и мажите

26.3.2024

Не случајно многу земји НОВАТА година ја слават во март особено земјите каде владее источната мудрост. Можеби затоа и народот кај нас на месец март му дал „женско име“ – „Баба Марта“.  А додатокот „баба“ асоцира на мудрост која ја имаат возрасните.

Месец март по некое непишано правило е месец на жените и не само заради тоа што во месец март го одбележуваме 8 март, Меѓународниот ден на жената, туки заради и други факти што се случуваат во овој месец како што е будење на природата и почеток на нов живот во едногодишниот циклус на природата. И кога сме во „месецот на жените“ збор два за местото на жените во нашето општество.

Рамноправноста меѓу половите е една од темелните вредности на Уставот на Република Македонија која се заснива на целосно признавање и промовирање на еднаквите можности на жените и мажите.

Еднаквите можности меѓу мажите и жените во Република Македонија се регулирани со Уставот како највисок правен акт, но во голем број закони се внесени одредби со кои се забранува дискриминација врз основа на пол и одредби со кои се инкорпорира родовиот концепт во домашната законска регулатива. Иако, во значителен број закони е вграден родовиот концепт, се до 2006 година не беше донесен посебен закон со кој се промовираат и унапредуваат еднаквите можности на мажите и жените. Имено, во 2006 година, Собранието на РМ го донесе Законот за еднакви можности на жените и мажжите, кој во 2008 година беше усогласен со постојните дефиниции за дискриминација и видовите на дискриминација со Директивите на Европската Унија, кои го регулираат нееднаквиот третман на жените и мажите. Во Сл. весник на РМ бр 6/2012 год. е објавен најновиот текст на овој закон.

Според тоа, Законот за еднакви можности на жените и мажите е важен инструмент за обезбедување на еднаков третман на жените и мажите во сите сфери на нашето општество. Имлементацијата на овој општ документ се одвива и преку подзаконските акти кои согласно принципот на хиерархија на законите, подзаконските акти треба да го спроведуваат законот, но не треба да го надминуваат.

Како што е познато субјекти одговорни за следење и примена на мерките насочени кон воспоставување на еднакви можности е Министерството за труд и социјална политика, кое ја има водечката улога во однос на родовата переспектива и унапредување на еднаквите можности. Од ова министерство се бараат мислења за сите материјали доставени до Владата на РМ, кои се однесуваат на родовата еднаквост.

Заради статусот на Р. Македонија како кандидат за Европската Унија очигледна е потребата од поголема конзистентност на овој дел на законодавство со стандардите на ЕУ. Познато е дека споменатиот закон се спроведува преку три вида мерки.

Прво, позитивните мерки или мерки на позитивна дискриминација кои првенствено се однесуваат на воспоставување еднаква застапеност на мажите и жените во јавниот и политичкиот живот и во тој правец се предвидуваат пиоритети на соодветниот пол се до воспоствување еднакво учество на жените и мажите. Нееднакво учество постои кога застапеноста на било кој од половите е на ниво помало од 40%.

Второ, мерки кои предвидуваат различни активности кои треба да ги поттикнат слободите и напорите за елиминирање на еднаква застапеност, односно нееднаквиот третман.

Трето, подигањето на свеста со цел поттикнување, воведување и унапредување на принципот на еднакви можности на мажите и жените, што е од голема важност. Заради воведување на принципот на "еднакви можности” за жените и мажите се предвидува обврска на органите на централната и локалната власт за активна соработка со работодавци, синдикатот, релевантни невладини организации и здруженија на граѓани.

Согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, донесен е и Националниот план за акција за постигнување на еднакви можности на жените и мажите. Тој претставува базичен документ и е симбиоза на сите најразновидни планирани и координирани мерки и активности што треба да бидат преземени и спроведени во разни области од општештвеното живеење во насока на воспоствување на принципот на еднакви можности.

За обезбедување транспарентност на целокупниот процес, Законот предвидува обврска Владата да изготвува Извештај за спроведување на мерки и активности од Планот за акција еднаш годишно и тој да биде достапен до јавноста.

Анализата на примената на Законот за еднакви можности на жените и мажите, достапна на јавноста, и покрај големото значење, покажува дека сензибилноста кон ова прашање е се’ уште на ниско ниво. Она што е сега потребно е воспоставувањето механизам за инкорпорирање на родовиот аспект во законите, програмите и проектите и на локално ниво.

Имајќи го предвид изложеното, со цел промоција и поттикнување на прашањето на "еднакви можности“ принципот на еднаквите можности се гледа во членот 21 од Законот за здруженија и фондации каде е утврдено дека со здруженијата управуваат членовите непосредно преку избраните претставници во органите на здружението.

Ако во нашата држава постојат здруженија на граѓани кои се борат за еднаквост на жените и мажите, тогаш неопходно е во Законот за пензионерско организирање (кој пред  три-четири години е доставен до Министерството за труд и социјална политика) да се вгради и родовиот аспект, усогласувајќи го истиот со европските директиви.

И на крајот како додаток на сето ова:

Во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија по 78 години постоење оваа 2024 година го дочекавме 8. Март со 12 претседателки од 53 здруженијана пензионери или во проценти 22%, за разлика од пред 20 години кога имало само 4 претседателки на здруженија или само 8%. При тоа сите здруженија на кои претседателка е жена нижат успеси и резултати.

Зошто овие 12 претседателки се нафатиле да бидат на чело на едно здружение и покрај големата одговорност и потрба да се справат со повеќе предизви, на сите главна мотивација да ја прифатам оваа функција им била да се зголемат активностите на секој план, да бидат опфатени што поголем број на жени (да бидат вклучени и во донесување одлуки) и да се збогати пензионерскиот живот со нови активности и форми. Исто така, присутна била желбата  да ја подигнат свеста за равноправност меѓу жените и мажите, свеста за чување на здравјето и примена на здрава исхрана на жените, но и на сите членови на оваа најмногубројна популација, како и заштита од семејно и друго насилство и друго. Во сите овие здруженија и во Сојузот резултатите се видливи!

Станка Трајкова
Претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3