Инфо  

Галерии

Заложба за континуитет во активностите

Интервју со претседателот на ИО на ЗП Крушево, Глигор Ангелески

19.7.2017
  • Почитуван претседателе Ангелески, Вие подолго време сте присутен во ЗП Крушево, најнапред како член, а потоа на раководни функции. Кажете ни го патот на Вашите пензионерски активности?

-Се пензионирав во 2000 година со неполни 58 години. Во 2002 година на редовните избори во здружението, од мојот огранок бев предложен и избран за член на Собранието и член на Извршниот одбор на Собранието. При крајот на 2006 година како резултат на моето дотогашно активно ангажирање во реализацијата на позначајните активности во огранокот и здружението, бев предложен и  избран за секретар на ИО. Ова функција ја обавував до крајот на 2015 година, а потоа бев избран за претседател на здружението, која функција ја обавувам и денеска. Мислам дека со моето ангажирање во здружението навистина се најдов себеси и тоа што го работам ми причинува посебно задоволство. Континуирано се залагав за квалитетна реализација на планираните активности во Годишните планови за работа на здружението, а скромните финансиски средства со кои располагавме настојував да се трошат плански, економично, рационално и домаќински, заради што, мислам дека  сум избран три мандата на разни раководни функции во здружението.

  • Кои се Вашите приоритети како претседател на ЗП Крушево?

Потребите и желбите на пензионерите во Општината секогаш беа и натаму ќе бидат  во прв план во моето работење. Примарна активност во моето работно  ангажирање  и натаму ќе биде насочена кон заштитата на стекнатите права на пензионерите во Општината од пензиско – инвалидско и здравствено осигурување, подобрување на социјалната положба и квалитетот на живеење на пензионерите преку организирање и реализирање спортско-рекреативни, културни и хуманитарни активности и поголема заложба за создавање на подоствеинствени услови за живот во третата доба за активно и здраво стареење. Вклучувањето на што поголем број на пензионери во спортските активности на сите нивоа и учеството на Регионалните и Републичките пензионерски натпревари, потоа културните активности и учество на Регионалните и Републичките културни ревии на песна, музика и игри, како и еднодневните и дводневните екскурзии, исто така ќе бидат во фокусот на мојата посветеност. Посебно внимание ќе посветам на создавањето на што подобри и подостоинствени услови  во постојните клубови за дневен престој, кои пензионерите ќе го чувствуваат како свое катче каде можат да се дружат, разговараат, гледаат телевизиска програма, читаат весници, играат повеќе забавни игри и друго. И натаму ќе се негува формата на солидарна помош преку доделување на неповратна парична помош на ,,ранливите“  категории на пензионери за што секоја година со Годишниот финансиски план се издвојуваат околу 100.000,00 денари за ова намена, како и финансиска помош и посета на болни и непокретни пензионери во нивните домови и сл. Основна карактеристика во работењето на Здружението и натаму ќе биде транспарентноста во работењето и можноста секој заинтересиран да биде информиран за организираноста, активностите и проблемите со кои се соочува Здружението, а посебно каде се трошат парите на пензионерите за што секои три месеци изготвуваме  финансиски извештати кои се доставуваат до сите ограноци.

  • Со цел да биде подобро живеењето на Вашите членови, со кого се соработувате?

-На соработката на здружението со другите субјекти во Општината и пошироко секогаш му посветуваме посебно внимание. Доста добра соработка имаме со Локалната самоуправа и Општинската организација на Црвениот крст со кои  имаме потпишано и договори за меѓусебна соработка. Добро соработуваме и со Подрачната единица за ПИОМ и со Подрачната единица за Здравствено осигурување, Здравствениот дом Крушево, со соседните здруженија, СЗПM, а мошне добра соработка имаме со збратименото здружение од Струга која соработка ја имаме регулирано со посебна Спогодба за соработка.

  • ЗП Крушево е едно од здруженијата со мултиетнички карактер. Тешко ли е да се раководи со вакво здружение?

-ЗП Крушево е едно од помалите во Републиката со околу 1.600 членови, организирани во четири ограноци и тоа два во Крушево и по еден со седиште во с.Житоше, и с.Св.Митрани и с.Пуста Река. Во здружението членуваат пензионери од повеќе етнички заедници и тоа: Македонци, Власи, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби и Роми. Поради мултиетничкиот карактер на нашето здружение, посебно внимание му посветуваме на градењето и негувањето на мултиетничкото и мултикултурното живеење на пензионерите преку меѓусебно почитување и разбирање и се друго што е квалитет на мултиетичноста. Без разлика на националноста, верската и другата припадност, нашите пензионери делуваат компактно на сите активности и манифестации кои ги изведува здружението и можам слободно да кажам дека од постоењето на здружението до денес немаме никакви негативни појави на меѓуетнички план. Затоа можам слободно да потенцирам, дека не само што не е тешко, туку ми преставува посебна чест и гордост да раководам со вакво здружение.

  • Покрај ангажирањето во здружението со што се’ се исполнети Вашите пензионерски денови? Имате ли време и за други активности, имате ли некое хоби?

-Поголем дел од моето време го поминувам во Здружението, а за време на неработни денови и празници во Клубот за дневен престој бидејќи клубот работи сите денови. Тука некако се чувствувам најпријатно и најсреќно бидејќи овде можам да се видам и разговарам  со моите пријатели, да изиграм некоја партија шах, карти и други забавни игри и да се напијам кафе. Сакам да пешачам во природа на чист воздух и на пошумени места кои во Крушево ги има насекаде. Го сакам спортот и ги пратам сите натпревари на телевизиските програми, а се разбира, најголемиот дел од моето слободно време го поминувам со моето семејство, во домашна атмосфера опкружен од најблиските.

Разговорот го водеше Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3