Инфо  

Галерии

Заложба за континуитет во постигнувањата

Интервју со Салтир Каровски, потпретседател на ИО на СЗПМ

24.5.2017

Вие веднаш по завршувањето на работниот век мошне активно се вклучивте во работата на пензионерската организација. Колку ве исполнува тоа ваше ангажирање?
-После 42 години ефективен работен стаж, најмногу во одбраната, на почетокот на 2013 година стекнав статус на пензионер. Поради големата динамика во остварување на дотогашните работни обврски, решив да се вклучам со активности во некоја граѓанска асоцијација и на тој начин да го вложам сиот труд и искуство со целосно исполнето мое слободно време како пензионер. На почетокот бев во дилема дали да се ангажирам во граѓанското здружение на резервните офицери на Македонија, каде, уште кога работев, бев активен како резервен потополковник на функции и раководни должности. Сепак, преовлада мојата желба да се вклучам во пензионерската организација, најпрво во штотуку формираното ЗП Бутел, каде што територијално припаѓав, а и многу години од мојот живот ги поминав во таа средина, каде бев ангажиран и како избран советник во Општината Бутел. Од органите на ЗП Бутел бев делегиран во Собранието на СЗПМ и бев член на Правно-економскиот форум.
Потоа поради промена на живеалиштето, се преселив на подрачјето на Општина Центар, каде веднаш пристапив и се активирав во ЗП Центар. Потоа, во време на редовните избори во СЗПМ продолжив со активно ангажирање. Мислам дека навистина се најдов себе си и тоа што го работам целосно ме исполнува.

Минатата година СЗПМ со низа успешни активности го одбележа големиот 70-годишен јубилеј на пензионерското организирање. Што е тоа најзначајно што ќе остави трага во историјата на СЗПМ?
-СЗПМ во 2016 година своите програмски активности целосно ги посвети на големиот јубилеј на Сојузот, 70 години пензионерско организирање, 1946 – 2016 . Во соработка со здруженијата на пензионери во Републиката, СЗПМ оствари ефикасна реализација на целите и задачите утврдени со Статутот, преточени во програмата за работа на Сојузот во тековната година. По повод  јубилејот  СЗПМ свечено ги отвори новите деловни простории што ги доби во трајно користење без надомест од Владата на РМ и ФПИОМ.
Во рамките на одбележување на Денот на пензионерите, на 16-ти септември под покровителство на претседателот на државата Ѓорге Иванов, беше одржана свечена академија во Домот на АРМ во Скопје, на која присуствуваа пензионери од сите здруженија и гости од републичките органи на управата, Градот Скопје и општините. На оваа свеченост со соодветен протокол претседателот на државата Ѓорге Иванов на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија додели високо одликување „ Повелба на Република Македонија“ што е единствено вакво признание во долгогодишната историја на пензионерското организирање во нашата земја. По тој повод во присуство на околу 800 пензионери и гости од странство пригодно обраќање имаше претседателот Иванов, а потоа и претседателот на СЗПМ Драги Аргировски.

По повод на овој значаен настан неодамна излезе од печат и монографија на СЗПМ. Какво е Вашето мислење за ова издание на Сојузот?
-По повод 70 години пензионерско организирање  во Македонија изработена е и промовирана монографијата „Пензионерски активности за почит“. Ова капитално дело претставува неизбришлива трага за пензионерското дејствување од далечното минато до денес, трага на седумдецениското постоење на најголемата мултиетничка граѓанска асоцијација во Македонија. Создавањето на ова дело дефинитивно е резултат на желбата и одлуката на сите органи и тела на СЗПМ. Монографијата е отпечатена на македонски, а се прават напори да излезе на албански и на англиски јазик. Ова дело е богато со разновидни содржини кои даваат детален и објективен приказ на пензионерското организирање, дејствување и постигнатите резултати во изминатите седум децении. Поглавјата, секое посебно, изобилуваат со факти и аргументи, задржувајќи го вниманието на читателот. Истовремено, во актуелните општествено-политички услови на опстојување, се покажува дека токму концептот и моделот на разбирање и дејствување на СЗПМ има смисла и дава резултати.

Покрај содржините  поврзани со Јубилејот, СЗПМ со понагласена активност посветено ги реализираше своите програмни активности. На кои задачи раководството на Сојузот се фокусира и ангажира?
-Примарната и нагласена активност е насочена кон подобрување на социјалната положба на корисниците на пензија и континуирана заштита на нивните стекнати материјални и нематеријални права. Продолжување на контактите со Министерството за труд и социјална политика и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за остварување на пропишаното законско усогласување на пензиите со порастот на трошоците за живот и зголемувањето на платите, како и спроведување на активности за подобрување на социјалната положба на пензионерите. СЗПМ и раководните структури остварија редовна и корисна соработка на повисоко ниво преку управните одбори на Фондот за ПИОМ и Фондот за здравствено осигурување, каде непосредно се ангажирани претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Драги Аргировски и активистот во Сојузот Илија Глигоров.

СЗПМ во тежиштето на своите активности перманентно се посветува на интересот за донесување Закон за пензионерско организирање, особено со актуелизирање на прашањето за повторно ставање во функција на барањето пред законодавниот орган.
Исто така, СЗПМ во фокусот на својата посветеност го има и обезбедувањето поквалитетен стандард на пензионерите, а ќе продолжи со лобирање пред надлежните државни органи за изградба и уредување на пензионерски домови, домови за стари лица, геријатриски установи, домови за дневен престој, домови за рекреација, како и повеќе пензионерски клубови. Сето тоа ќе треба да биде потпомогнато и од единиците на локалната самоуправа, особено преку соработка со градоначалниците на општините.
Со изградба на пензионерски домови и други форми на сместување на пензионерите, државата обезбедува подостоинствен живот, а со тоа ќе се спречи маргинализација на старите лица во нивните егзистенцијални услови за живот.

Освен потпретседател на ИО на СЗПМ, Вие сте и претседател на Одборот на регистрираната организација за солидарен фонд и членарина. Која е функцијата на Одборот и како се справувате со оваа работна задача?
-Одборот на Регистрираната организација, иако не е конститутивен дел на СЗПМ, бидејќи претставува законска, договорна форма на организација за извршување на две многу значајни прашања од животот на пензионерите, солидарниот фонд и членарината, со која се финансираат дејностите на здруженијата и сојузите. Меѓу главните прашања досега за работа на овој орган, треба да се истакне довршувањето на проектот за ажурирање на евиденцијата, посебно во трите сојузи на инвалидските пензионери. Освен тоа, актуелно е и прашањето поврзано со проблемите на миграцијата на членството, распоредот и исплатата на членарината, промената на тие состојби, законско и појави на незаконско користење на средствата во одредени средини, самоволија во примената на одлуката за миграција, проблематизирање на издавањето на бараните исписници, барања за членство во сојузите на нови, најчесто паралелни здруженија и друго.

Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина е конституиран врз основа на одредби од Законот за ПИО и Спогодбата на четирите сојузи на пензионери (Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Националниот сојуз на инвалидите на трудот, Сојузот на инвалидски пензионери на Македонија и Сојузот на инвалиди на трудот и корисници на инвалидска пензија на Македонија). Трите сојузи на здруженија на инвалидски пензионери во Македонија треба да ја продолжат работата на проектот до целосно ажурирање на евиденцијата на своето членство.

ОРО и понатаму ќе продолжи со организирање средби во здруженијата на инвалидски пензионери во кои посебно е изразено проблематизирањето на прашањата на реално и објективно ажурирање на евиденцијата на своето членство и настојување за усогласување со податоците на корисници на инвалидска пензија со кои располага ФПИОМ. За таа цел досега беа организирани средби за соочување со фактите и ажурирање на евиденцијата на здруженијата на инвалидски пензионери. Исто така, ОРО во договор со претседателите на трите сојузи на инвалидските пензионери ќе се посвети на прашањето за можно спојување на трите сојузи во една заедничка асоцијација, исто како што биле организирани во почетокот на нивното постоење. ОРО расправајќи по прашањето за редовната исплата на посмртна помош, заклучи дека средствата за таа намена не се доволни за редовна исплата, поради што со одлука усогласена со ФПИОМ и Министерството за труд и социјална политика и со сојузите и ЗП, солидарниот фонд, кој изнесуваше 120 денари, се зголеми за 10 денари и изнесува 130 денари.

Каква е соработката на СЗПМ со здруженијата членки на Сојузот?
-Актуелно прашање на кое СЗПМ постојано ќе посветува внимание е остварувањето редовни непосредни контакти со здруженијата на пензионери членки на Сојузот заради помагање во организациониот живот на членството на здруженијата како и унапредување на работата за ажурирање на евиденцијата на сопственото членство и усогласување на истата со онаа со која располага Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Исто така, предмет на интерес ќе биде и работата на извршните одбори во здруженијата, пензионерските клубови и пензионерските домови. Од овие активности остварени во контактите со здруженијата СЗПМ треба да биде задоволен, бидејќи на тој начин заедничката работа на Сојузот и на ЗП на општините, стана потранспарентна за поширокото членство, а за СЗПМ откри и некои нови искуства. Останува и понатаму да ја унапредуваме непосредната интерактивност меѓу Сојузот и здруженијата на пензионери, да се интензивираат непосредни информирања со редовна достава на комплетните годишни извештаи од здруженијата, на записници, програми за работа, информации по разни прашања, како и достава на разни други материјали.

Пензионерите се мошне активни во културно-забавните и спортски манифестации. Каква е нивната заинтересираност и мотивираност за песна, музика и оро?
Мотивираноста на пензионерот за негово непосредно вклучување во активностите на СЗПМ има особено значење за квалитетно учество во тежишните активности на сојузот на културните и спортски манифестации во изведба на здруженијата на пензионери членки на Сојузот. Во повеќедецениското организирање на ревиите и спортските натпревари секоја наредна година се обезбедува поквалитетна селекција на учесници во културните и спортските натпревари. Здруженијата од своите скромни  средства обезбедуваат услови за квалитетни подготовки за успешен настап на заинтересирани, надарени и талентирани пензионери за музика, песна и игра, како и добро кондицирани и здрави спортисти за натпревар. Заслужува да се истакне заинтересираноста на здруженијата за обезбедување на потребната логистика која може да се изрази во просторни услови, квалитетна костимографија, особено обезбеденост со изворна и народна носија за фолклорните настапи, како и застапеност на изворни народни инструменти  и изведувачи од разни мултиетнички средини. Голем напредок во оваа смисла има и во квалитетната кореографија, сценографија и стручната музичка подготовка.

Колкаво внимание СЗПМ посветува на транспарентното работење и информирање на членството?
-Основна карактеристика во работата на СЗПМ во пензионерското организирање е транспарентноста во работењето, како и можноста заинтересираните јавни и приватни субјекти да остварат слободен пристап до информации за организираноста, активностите и проблемите на здруженијата на пензионери и на СЗПМ. Поради тоа значајно е информирањето на членството и остварување јавен отчет за работата и резултатите што ги остварува организацијата во целина и посебно органите и телата на здруженијата и Сојузот во нивната работа. Редовното излегување на весникот „Пензионер плус”, потоа прилозите во дневните весници „Нова Македонија” – Пензионерски видици, „Коха” - страница на албански јазик за пензионерите, го збогати фондот на информации за активноста на членството во организацијата, а актуелните содржини од животот и прашањата што ги засегаат пензионерите, значајно го зголеми интересот за нивно проследување. СЗПМ и редакциите на гласилата посветуваат посебно грижа на јавното презентирање на членството за својата активност и преку веб-страницата на СЗПМ, како и со континуирани изјави и интервјуа на членови од раководствата на здруженијата и СЗПМ во електронските медиуми (радио, телевизија, интернет), во пишаните медиуми, билтени и друго. Во остварување јавност и отчет за работата на пензионерската организација значаен придонес даваат и пензионерите новинари како дописници од здруженијата на пензионери од Републиката на „Пензионер плус”, „Пензионерски видици” и „Коха”. За оваа активност значајна улога има Комисијата за информирање како и Редакцијата чија работа се одвива во рамките на програмската политика на СЗПМ и личните афинитети на соработниците.

Разговорот го водеше:
Мендо Димовски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3