Инфо  

Галерии

ЗП Битола

Хумана активност за пример

24.5.2017

Здружението на пензионери од Битола е познато по својата хуманост во градот, но и пошироко меѓу членките на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.  На 15-ти мај 2017 година, здружението на пензионери од Битола беше дел од уште една реализирана активност со хуманитарен карактер. Имено, хуманитарната организација  „Рака до рака - Шведска“ (Hand till hand - Sweden) која ја предводи Марија Росенгрен (Maria Rosengren), донираше вредна опрема, односно дваесет кревети и специјални душеци за Домот за стари лица ,,Сју Рајдер“ од Битола,

- Се работи за специјални кревети, со исто така соодветни душеци,  кои се наменети за тешко болни лица, а истите се штитеници на нашиот дом. Со оваа донација многу ќе се подобрат условите за болните, но и ќе се олесни и работата на медицинскиот и придружен персонал кој се грижи за болните и тешко подвижни лица, - истакна директорката на Домот за стари лица, Марица Тодоровска.

При тоа, таа ја искористи оваа прилика да се заблагодари и на Здружението на пензионери од Битола, кое учествува со свои финансиски средства за комплетно да се заокружи оваа хуманитарна акција. Хуманитарната организација  „Рака до рака“ од Шведска се погрижи и околу царинската документација, како додатно олеснување за реализација на оваа хуманитарна активност.

- На барање на раководството на Домот за стари лица, здружението одлучи да учествува со 50% во оваа хуманитарна акција, со подмирување на трошоците за транспорт од Шведска до нашиот град, - изјави претседателот на ЗП Битола, Томе Илиоски.

Инаку, треба да се истакне дека се работи за континуирана соработка на оваа хуманитарна организација од Шведска, која на разни начини се јавува како донатор на Домот за стари лица. Истото важи и за ЗП Битола кое не ги заборава своите членови сместени во овој дом и секогаш кога е потребна помош и поддршка безрезервно ја дава, во граница на своите можности.

Добре Тодоровски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3