Инфо  

Галерии

Интервју со претседателот на ИО на ЗП Солидарност –Аеродром Димитрија Богатиноски

Во прв план активно стареење и домаќинско работење

10.1.2017
  • Почитуван претседателе, најнапред да Ви честитам на успешното раководење со Здружението на чие чело сте 6 години. На што се должи ваквото Ваше успешно дејствување?

-Ви благодарам на честитките за моето успешно раководење во овие изминати години.
Честитките и пофалбите секому му годат, но сите резултати и постигања се заеднички, мои, на раководството и на секој член на нашето здружение. Работиме добро, но секогаш може да биде и подобро. Мoето дејствување се должи на долгогодишното искуство пред пензионирањето во 2002 година, бидејќи мојата професија  е дипломиран економист, но и на моето искуство во Здружението на пензионерите ,,Кисела Вода“, каде што четири години бев претседател на Извршниот одбор. Здружението на пензионерите ,,Солидарност-Аеродром“ – Скопје, како што е познато е  релативно ново здружение. Формирано е со одвојување од ЗП ,,Кисела Вода“ – Скопје, по завршување на делбен биланс на задоволство на двете здруженија, поточно пред 6 години, а регистрирано е во Централниот регистар на 14 април 2009 година. Овој ден го сметаме како  ден на основање на здружението и го одбележуваме на пригоден начин секоја година. Покрај вообичаените органи и тела Здружението има 5 (пет)  ограноци  и тоа: огранок Вардар, огранок Аеродром, огранок Јане Сандански, огранок Ново Лисиче и огранок Лисиче и брои околу 11.600 пензионери. Ограноците територијално ги покриваат сите урбани и месни заедници на подрачјето на општината Аеродром во нашиот главен град Скопје. Во склоп на Здружението работат и  7 (седум) клубови на пензионери во кои се одвиваат речиси сите активности на ограноците. Здружението постигнува убави резултати благодарение и на интелектуалниот и организационен потенцијал кој го поседува раководството и членство. Можам слободно да кажам дека нашето здружение спаѓа во категоријата на најактивни здруженија членки на Сојузот на здруженијата на пензионерите на град Скопје и  пошироко во земјата, како членка на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

  • Познато е дека Здружението на пензионерите „Солидарност-Аеродром“ има забележителни резултати на повеќе полиња и нивоа. Кажете ни нешто за тоа, но и на што најмногу се фокусиравте во изминатите години?

-Како што веќе реков јас сум по професија дипломиран економист. Можеби затоа сите мои активности во ЗП ,,Солидарност-Аеродром“- Скопје, пред с? се фокусирани на прашањата во врска со реализирање на годишните планови согласно со приходите и расходите и на домаќинско трошење на средствата според Финансискиот план на Здружението. Нашето здружение во изминативе 6 години постигнува одлични резултати на сите полиња што е одраз и на искажаните позитивни завршни сметки секоја година. Настојуваме средствата да ги вратиме назад на нашите членови по сите основи, вклучувајќи ја работата на клубовите, одморот и рекреацијата, доделувањето парична помош, бањското лекување, спортските активности, како и фолклорните ревии на песни, музика и игра, а сето тоа се должи на колективната работа на органите и телата на Здружението. На сите регионални и републички ревии на песни, музика и игри редовно настапуваме, а присутни сме и на регионалните пензионерски спортски натпревари и на пензионерските спортски олимпијади. Учествуваме и во сите активности кои кои ги организира Сојузот на здруженијата на пензионерите на град Скопје и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, како и на собири и манифестации кои ги организираат другите здруженија членки на Сојузот.

  • Активностите на Здружението можат да бидат позитивен пример за повеќе здруженија, а особено за оние со помал број членови. Кој е Вашиот рецепт за успешност?

-Рецептот е познат и е ист како и во секоја успешна организација. Работиме заеднички и заеднички им се радуваме на постигањата. Само заедништвото и меѓусебната почит даваат резултати. Што се однесува за соработката со другите здруженија отворени сме секогаш и за соработка и за помош на сите и во се она што можеме да помогнеме на сите нивоа.

  • Вие сте збратимени со повеќе здруженија. Каква е соработката на тој план?

-Веднаш по издвојувањето од ЗП ,,Кисела Вода“, двете здруженија на заедничка седница на собранијата потпишаа Спогодба за збратимување. Може да се каже дека ова е редок и позитивен пример и на раздружување и на збратимување.
На 15 октомври 2014 година се збратимивме и со ЗП „Охрид и Дебрца“ од Охрид. Формирано е Координативно тело на здруженијата, кое прави Годишна програма на активности согласно со средствата определени во финансиските планови на двете здруженија. Со особено задоволство истакнувам дека во 2015 и 2016 година реализирани се програмите со ЗП ,,Охрид и Дебрца“  на што сме горди и тие и ние.

  • Во рамките на здружение на пензионерите „Солидарност-Аеродром“ активно функционираат  и други форми на дејствување. Кажете ни нешто за нивната работа.

-Во нашето здружение функционираат Музичката секција и Историската секција кои според своите програми ги ориентираат своите активности. Активно работат и Клубот на љубителите на книгата и Активот на пензионерки, кои според своите  програми се состануваат еднаш во месецот. Нашиот Клуб на љубители на книгата редовно поканува гости, поети и писатели и на тие средби сите уживаат во убавиот пишан збор. Мислам дека нашиот клуб е еден од најактивните клубови од ваков вид. Активот на пензионерки поканува предавачи од областа на здравството, а има  и хуманитарни активности. Исто така соработува со другите активи на пензионерки членки на Сојузот.

  • Здружението на пензионери „Солидарност-Аеродром“ е членка на СЗП на град Скопје во кое членуваат околу 80.000 пензионери. СЗП на град Скопје има повеќе активности, позабележителна е меѓународната соработка. Неодамна бевте во Сараево, какви сознанија и искуства донесовте оттаму?

-Членка сме во СЗП на град Скопје каде што имаме наши претставници во органите и телата, и активно соработуваме за реализирање и на  нивните програми, вклучувајќи се и во меѓународната соработка остварена со Белград, Тирана, а оваа година и со Сараево каде што бевме  многу убаво примени и се вративме презадоволни. Искуствата и сознанијата укажуваат дека како нашите, така и нивните активности се во заштита на  членовите-пензионери согласно со статутите, како и на потребите за зголемување на правата и поволностите на пензионерите во соработка со владините институции и органи. Од овие соработки имаме сите полза и така треба да продолжи  и во иднина.

  • Во 2016 година СЗПМ одбележа голем јубилеј, 70 години од пензионерското организирање во Македонија. ЗП „Солидарност – Аеродром“ како една од најактивните членки активно се вклучи во прославата. Како го одбележавте овој голем јубилеј?

-Во одбележување на 70 години од пензионерското организирање во Македонија активно се вклучи и нашето здружение. На 14 април 2016 година - Денот на Здружението, на прославата покрај мене излагање имаше и претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, кој потекнува од нашето здружение и со кој имаме одлична соработка. На 12 август 2016 година одржавме свечена седница на Извршниот одбор каде беа доделени плакети и признанија. На Свечената академија по повод 70 години од пензионерското организирање во Македонија каде што СЗПМ доби високо признание „Повелба на Република Македонија“ во програмата настапи и нашето здружение.

  • Вие сте претседател со препознатлива визија за креативно раководење. Што ќе преземете во новата 2017 година во интерес на подобро и активно стареење на членовите од Вашето здружение?

-Со моето раководење и менаџирање на средствата според Финансискиот план ќе настојуваме да ја реализираме Програмата за работа на здружението за 2017 година, да ги збогатиме сите наши активности, да дадеме повеќе средства за рекреативните одмори, помасовно да се дружиме, клубовите да имаат богати активности и друго. Исто така, ќе настојуваме да ја  збогатиме Програмата со збратимените здруженија, да воведеме нови содржини во меѓународната соработка и да им овозможиме на нашите членови активно, но и позабавено стареење, со исполнети и пријатни пензионерски денови.

Разговорот го водеше Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3