Инфо  

Галерии

Интервју со Методија Новковски, претседател на ЗП Ѓорче Петров и на ИО на СЗП на Скопје

Во прв план - квалитетно живеење на пензионерите

6.4.2017
  • Почитуван претседателе Новковски, причина за разговорот со Вас е што Вие сте еден од најактивните претседатели меѓу скопските здруженија на пензионери, но и пошироко. Откријте ни ја тајната на Вашата неисцрпна енергија која Ви помага да бидете толку многу активни.

-Најнапред благодарам за убавите зборови и за Вашата констатација која ме поттикнува да продолжам така и понатаму. Инаку, може да се каже дека нема тајна, туку има мотивираност, желба и инвентивност.
Јас имам завршено филолошки факултет, книжевност и македонски јазик. Најнапред работев како учител во родното село, а потоа во Волково – Ѓорче Петров. Од 1963  до 1982 г. работев во ОУ „Моша Пијаде“ во Ѓорче Петров, најнапред како професор, а потоа како директор. Од 1982 година бев на повеќе општествени функции и се пензионирав  како секретар на Советот на Синдикатите на Град Скопје во 1994 година. За својата општествена дејност имам добиено повеќе награди и признанија. Како што може да се забележи секогаш сум бил опкружен со луѓе и со нивните проблеми и резултати што придонело да бидам постојано активен. Таков сум бил за време на мојот работен век, така продолжив да работам и по пензионирањето како член на моето матично здружение Ѓорче Петров.

  • Кога го споменувате здружението на пензионерите, кажете ни ја во куси црти неговата личната карта.

-Здружението е формирано во 2001 година, но вистинската негова активност почнува од 2006 година. На почетокот тоа било мало здружение кое опфаќало околу 5 000 пензионери. Со време, бројот се зголемувал и денес тој да изнесува околу 6 500 членови. Со зголемување на бројот на пензионерите неминовно доаѓа до потреба од формирање разграноци кои денес ги има вкупно 7. Што се однесува до активностите и работата на здружението на почетокот тоа биле скромни обиди и резултати, пред с? од објективни,  но и од субјективни причини. Првите обиди биле на спортски план, а потоа се заредиле и други активности како што се: организирање на екскурзии и посети на културни и историски места и обележја, реализирање хуманитарни акции со цел да се подигне стандардот на пензионерите од Општината, соработка со други здруженија, со Црвениот крст, со локалната управа, учество на регионалните и републичките ревии на песна музика и игри, на регионалните и републичките спортски натпревари, како и на турнири на ниво на градот, како членка на СЗП на Скопје. Посебни и подобри активности се одвиваат од 2006 година, кога ЗП  Ѓорче Петров станува многу помасовно и поквалитетно како на локално, така на регионално и на републичко ниво во рамките на СЗПМ, чија активна членка е. Денес во секој разгранок има Клуб на пензионери, а постои и Клуб за дневен престој. Здружението во 2011 година го одбележа своето десетгодишно постоење и во чест на јубилејот издадена е Монографија, а пет години подоцна издадовме и монографско јубилејно издание со цел да оставиме трага за нашата работа на генерациите кои доаѓаат.

  • Велите дека имате одлична соработка со градоначалникот на Општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски.

-Да. Градоначалникот на Сокол Митровски, присуствува на секој наш собир, манифестација и седници кои имаат посебно значење за здружението.  Учествувајќи во нив, тој секогаш посебно нагласува дека Здружението има полна поддршка од локалната самоуправа и конкретна помош во секој поглед. Општината помага во отворање на пензионерско катче во секоја месна заедница, благодарение на што, имаме клубови во сите девет разграноци: Ѓорче Петров, Мирче Ацев, Дексион, Хром, Даме Груев, Кисела Јабука и  Волково, а со намера сме да отвориме и други.

  • Вашето здружение активно учествува и на регионалните и републичките ревии на песна, музика и игри. Вие како здружение сте биле и домаќин на регионалните ревии. Кажете ни нешто и за тоа.

-Пензионерите од нашето здружение се свесни дека фолклорот е стожер на нашата култура и традиција. Ора и песни, мајсторските изведби на музичарите, постојано се наградувани со силни аплаузи и на ревиите и на сите други настапи на кои учествуваат пензионерите. Суштината на заштитата на оваа културно наследство лежи и во подигањето на свеста кај јавноста за вековното постоење на овој вид  култура на овие простори.  Според тоа грижата за зачувување на нашето фолклорно богатство е наш аманет за генерациите кои доаѓаат. Во секој случај, Ревиите с? повеќе стануваат празник на  душата и нешто што ги буди сеќавањата на убавото и на незаборавното. Ретко каде, како на овие ревии може да се види како пее Македонка, а ја придружуваат со своите инструменти Албанци и обратно или оро во кое играат Македонци, Роми, Албанци, Срби, со сплотени раце и заеднички чекор... Ревиите на песна, музика и игри се уште еден пример за соживот за помладите генерации од нивните дедовци и баби. ЗП Ѓорче Петров има една неостварена желба да учествува на Меѓународниот фестивал на третата животна доба во Љубљана, Р Словенија, како претставник на СЗПМ. Се надевам дека желбата наскоро ќе ни се оствари.

  • Претседателе Новковски, Вие како здружение имавте чест да бидете домаќини на јубилејната 20-та по ред Пензионерска спортска олимпијада која се одржа во Скопје. Истата успешно беше реализирана. Ова беше голема и одговорна задача.

-Беше и тешко и одговорно. Почестени и горди што ја добивме оваа задача од СЗПМ ја реализиравме колку што може подобро, со големата поддршка на Сојузот. На Олимпијадата учествуваа околу 1 300 пензионери, од кои околу 400 натпреварувачи. Сето тоа заврши во најдобар ред со песна и оро и незаборавно дружење. Ова беше првпат Олимпијадата да се одржи во Скопје.

  • Вашето здружение е меѓу ретките кое има претседател на Собранието жена и сте убав пример кој треба да го следат и другите здруженија. Кажете ни нешто за тоа.

-Жената е битен фактор во општеството и пред и после пензионирањето, затоа таа заслужува внимание и признание за с? она што го прави, пред с?, за сите, а на крајот за себе. Жената заслужува благодарност, а пред с? почит. За жал статистичките податоци и кај нас и во светот се поразителни: жените добиваат полоши работни места, помали плати, помали пензии. Во ЗП Ѓорче Петров не е така. Активот на пензионерките до 2011 година работеше во составот на комисијата за културен и забавен живот и рекреација, а во 2011 се издвои како посебна форма на дејствување со своја програма и активности. Во реализирање на програмата за работа на Активот, се настојува да бидат вклучени што повеќе пензионерки. За подобро да функционира Активот, во разграноците формира секции на пензионерки и на тој начин опфатени се и жените од руралните средини.

  • Како едно од најактивните здруженија и заради потенцијалот кој го поседувате, бевте избрани да го реализирате пилот-проектот „Социјална пензионерска карта“. Кажете ги вашите искуства на тој план.

-Ова нешто поопширно ќе го образложам за да ги поттикнам и другите здруженија да се нафатат да направат социјална карта на своето членство. За реализирање на оваа задача ИО изготви посебна програма и во финансискиот план на за 2014 година беа предвидени средства со кои ќе се покријат трошоците направени за пилот-проектот. Со цел да се запознаат одборите на разграноците со програмата за пилот-проектот беа организирани состаноци со претседателите на разграноците, на кои претседателите се запознаа со нивните обврски што произлегуваат од проектот. Тие беа задолжени да изготват листи на анкетари од пет до десет од секој разгранок кои ќе го вршат анкетирањето. Во договор со тогашниот потпретседателот Методија Тошевски и секретарот на ИО на СЗПМ Станка Трајкова беше направен план за  одржување на семинари со анкетарите, кои се одржаа во секој разгранок при што практично им беше објаснето и покажано како се пополнува анкетниот лист, како треба да биде нивниот пристап кон анкетираните и да забележат каков е односот на пензионерите кон оваа активност. Добиените податоци  ни служат за нашите  активности особено за ранливата категорија пензионери за подобрување на нивниот социјалниот статус и за доделување помош во секој поглед. Сметаме дека проектот „Социјална карта“ треба и останатите здруженија на пензионери да го прифатат, како многу корисен.

  • Вие сте претседател на ИО на СЗП на град Скопје во кој членуваат над 80 000 пензионери. Какви активности има овој Сојуз?

-СЗП на Скопје опфаќа 14 здруженија. На ниво на градот Сојузот особено е активен во решавање на проблемите на пензионерите од подрачјето на Скопје и околните места. Работи преку своите комисии. Неколку години организира пензионерски  мултиетнички собир во СРЦ Сарај. За одбележување е мошне успешната и содржајна соработката со градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, како и со пензионерите од Албанија, Србија и Босна и Херцеговина. Делегација на СЗП на Скопје во 2014 година престојуваше во Белград, Србија, во посета на Сојузот на пензионерите на  Белград. Во ноември 2015 година претседатели на десетина здруженија, членки на Сојузот, беа  во посета на Конфедерацијата на синдикатите на Албанија, а во октомври 2016 година, делегација на СЗП на Скопје со 12 пензионери од речиси сите скопски здруженија престојуваше во Сараево, Б и Х. Во овие земји имаше средби, разговори, размена на мислења и искуства во интерес на пензионерите.

  • На крајот, кажете ми дали има нешто што не Ве прашав, а сакате да го кажете?

-Да, има. На 6 март се одржа концерт во Домот на културата во Ѓорче Петров во чест на 8 Март, Денот на жените, на кој присуствуваа 200 пензионерки и пензионери. Одбележувањето беше достоинствено како што ни прилега на годините. И уште нешто. Многумина ме прашуваат како живеам, што права,  што изгледам вака витален и активен, иако неодамна влегов во деветтата деценија од животот. Одговорот е активност, дружење и добра мисла што им го советувам на  сите мои колеги пензионери, но секако дека тука имаат свој удел и исхраната за која се грижи мојот постојан поддржувач и советник сопругата, како и гените.

Помош за пензионери со ниски пензиски примања
ЗП Ѓорче Петров веќе 5 година по ред доделува парична помош на своите пензионери со ниски пензиски примања. За оваа намена со Финансискиот план за 2016 година беа планирани  600.000 денари. Од овие средства на 240 пензионери им беше доделено еднократно по 2.000 денари. Исто така,  Здружението преку Комисијата за социјалните работи  во текот на годината изврши и неколку посети на болни и изнемоштени  пензионери во нивните домови како и во Геријатриската болница „13 Ноември“. И градоначалникот на Општината Ѓорче Петров Сокол Митровски и годинава традиционално ги посети жителите во пензионерскиот дом во Ѓорче Петров и им ги честиташе изминатите празници.
Исто така, ЗП Ѓорче Петров веќе шеста година по ред, врши  организирано снабдување со огревно дрво на своите членови. Плаќањето  пензионерите го вршат  на неколку рати. Во 2016 година  преку ЈП „Македонски шуми“ – Скопје,  им беа испорачани околу 6500  просторни метри огревно дрво. Испораката, квалитетот и количината на  огревното дрво се одвиваше добро со мали забелешки на крајниот рок за испораката. Пензионерите коишто на ваков начин се снабдуваат со огревно дрво, се задоволни од одложеното плаќање по прифатлива цена. ЗП Ѓорче Петров планира и оваа година да продолжи со оваа активност, бидејќи интересот за снабдување со огревно дрво е голем.

Разговорот го водеше  Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3