Инфо  

Галерии

СЗПМ активен учесник на Фестивалот за трета животна доба во Љубљана, Словенија

4.11.2016

Меѓународниот Фестивал за трета животна доба во Љубљана се одржува веќе шеснаесет години со богата и разновидна програма во неколку области, како што се: научни и стручни предавања и дискусии поврзани со многу прашања од пензионерското живеење, културно-уметнички случувања, саем поврзан со потребите на старите лица, како и средби и други облици на соработка помеѓу пензионерски сојузи и здруженија. Оваа година посебно случување во рамките на Фестивалот беше Свечената академија по повод 70-годишнината на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Словенија (ЗДУС). На овој престижен Фестивал годинава учествуваа: делегација од СЗПМ и културно-уметничките друштва од ЗП Битола и ЗП Демир Хисар, како најдобро оценети на Републичката ревија на песни, музика и игри во 2016 година. Учеството на културно-уметничките друштва од ЗП Битола со хорот „Сирма Војвода“ и од ЗП Демир Хисар со играорната група оставиja посебен белег во активностите на Фестивалот. Тие беа единствените странски учесници на 8-та вечер на песни и игри. Нивните настапи ја одушевија многубројната публика во Линхартовата дворана во Цанкаревиот дом. Силен впечаток друштвата оставија и со уметничките програми кои ги изведоа на отворена сцена во два термина. Како и претходните години, традиционално и оваа година македонските културно-уметнички друштва одржаа концерт во старскиот дом Фужине во Љубљана. Корисниците на домот беа одушевени од програмата и изведбата. На крајот некои од нив го заиграа македонското оро заедно со игроорците.

По посебна покана од ЗДУС, на Свечената академија, на која пригодни обраќања имаа претседателот на ЗДУС Јанез Сушник и претседателот на Владата и покровител на Академијата д-р Миро Церар, присуствуваа и претставници од СЗПМ. Ова беше и возвратна официјална посета на која домаќините посебно се заблагодарија за поканата и нивното учество на Свечената академија на СЗПМ, која се одржа исто така во септември оваа година.

Делегацијата на СЗПМ предводена од претседателот Драги Аргировски, заедно со Томе Илиоски, претседател на ЗП Битола, Пере Петрески, претседател на ЗП Демир Хисар, Ристе Трајкоски, член на ИО на СЗПМ од Охрид, Илија Глигоров, член на Комисијата за меѓународна соработка при СЗПМ и Томче Стојков, селектор и режисер, во Љубљана оствари неколку значајни средби со раководни органи и поединци од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Словенија и од други државни и невладини институции. На овие средби посебно стана збор за меѓусебната билатерална и поширока соработка во областа на пензионерската проблематика. Се разговараше за заложбите и искуствата во унапредувањето на статусот и стандардот на пензионерите во двете држави во рамките на европските насоки. Остварен е и прием и разговор со претседателот на Владата на Словенија д-р Миро Церар, кој искажа големи пофалби за континуитетот на заемната досегашна соработка помеѓу двата сојуза и за седумгодишното активно учество на македонските пензионери во програмите на Фестивалот во Љубљана.

Делегацијата ја прими и Јанез Сушник, претседател на ЗДУС, заедно со неговите соработници, при што се разговараше за повеќе актуелни теми од активностите и организацијата на двата сојуза на пензионери. Беше речено дека и во пензискиот фонд на Словенија е присутен проблемот со недостиг на средства за месечна исплата на пензии, па поради тоа се зголемува трансферот на финансии од буџетот на државата. Се разговараше за партнерство во повеќе меѓународно- финансирани проекти преку кои ќе се добијат поволности за пензионерското живеење. Претседателот на СЗПМ ја повтори иницијативата за организирање и одржување на Балкански пензионерски фестивал на песни, музика и игри, кој би се одржал во Скопје, со партнерство со повеќе земји од регионот. Во разговорите големо значење се даде на развојот на меѓународната соработка на двата сојуза. За збогатување на оваа соработка особено се заложија претседателката на Комисијата за меѓународна соработка на ЗДУС Јожица Пухар и членот Марјан Шифтар кои се и поранешни амбасадори на Република Словенија во нашата држава. Македонската делегација организираше посебна средба на која беа доделени плакети од СЗПМ по повод својата 70-годишнина, а наедно и пригодни подароци.

Претседателот на СЗПМ Драги Аргировски, официјално им врачи плакети и книгата „Аргументите ја осветлуваат вистината“ на: Антон Донко, претходен претседател на ЗДУС, Андреј Јус, потпретседател на Претседателството на Фестивалот и на Марјан Шифтар, потпретседател за меѓународна соработка. СЗПМ со нив успешно соработува скоро една деценија. На средбата присуствуваше и сегашниот директор на Фестивалот Тихомир Ковачиќ кој го овозможи престојот во Љубљана со потребната финансиска поддршка. Во пријатната атмосфера и другарување, во оваа прилика својата благодарност и одушевување од учеството на Фестивалот ја искажаа Томе Илиоски и Пере Петрески во името на здруженијата кои ги претставуваат.

Како награда за вложениот труд и многу успешното претставување на македонските песни и игри учесниците од Република Македонија добија бесплатно разгледување на Љубљана со туристички автобус, како и излет и разгледување на Блед, Опатија и Риека што ќе им остане во долго сеќавање.   

Илија Глигоров

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3