Инфо  

Галерии

Врачување Плакета на премиерот на РМ

26.10.2016

Пријатна средба со почит и разбирање

Премиерот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев, на 25 октомври 2016 година прими делегација од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија предводена од претседателот на СЗПМ, Драги Аргировски. Во делегацијата беа  претседателот на Собранието Бесник Поцеста, секретарот на ИО Станка Трајкова и членовите на ИО Калина С. Андонова и Ѓорѓи Серафимов. Повод на посетата беше врачување Плакета од Сојузот на премиерот, по повод големиот јубилеј, 70 години пензионерско организирање во Македонија и запознавање со активностите и постигањата на СЗПМ во изминатите седум децении, со посебен акцент на последната и најактивна декада, во која СЗПМ стана лидер и пример на пензионерска асоцијација во опкружувањето и пошироко на Балканот.

Најнапред претседателот на СЗПМ Аргировски официјално му ја врачи Плакетата на премиерот Димитриев, како знак на успешната и плодна соработка со Владата на Македонија во целиот период од 70 години. Притоа тој искажа голема благодарност за поддршката и низата проекти со кои Владата и соодветните министерства поврзани со оваа популација, ги реализира за подобар и поквалитетен живот на пензионерите во Македонија.  Со Плакетата му ја врачи и својата најнова книга „Аргументите ја осветлуваат вистината“, поврзана со луѓето од третата доба, која е една од неговите 20 публицистички дела, а седма, поврзана со пензионерската популација.

Во пријатна атмосфера,  премиерот Димитриев беше запознаен со активностите и успесите на  Сојузот во изминатите години, со посебен акцент на резултатите во оваа јубилејна година.  Меѓу другото беше запознаен со потребата од изградба на нови старски и пензионерски домови во Скопје и во внатрешноста, од потребата на проширување на социјалната и здравствена заштита, од неминовноста од донесување Закон за пензионерско организирање во Македонија, од редовна исплата на пензиите и од консензус на сите чинители во земјата кога се во прашање правата на оваа многубројна популација и при тоа истакна:

- Патот по кој чекориме е патот на вистината, чесноста и соживотот. Така е до сега, така и ќе продолжиме во тоа сме убедени и во Сојузот и во сите 53 здруженија доброволно здружени со иста цел.

Премиерот Димитриев се заблагодари на честа која му ја даваат најстарите жители во земјата со доделување на Плакета по повод 70 години од пензионерското организирање во Македонија и меѓу другото рече:

- Ми претставува особена чест што сте ми гости. Ме радуваат вашите успеси и резултати. Од вас треба да учат помладите генерации особено на полето на соживотот и етничката толеранција. Владата и досега и во иднина ќе ги поддржува пензионерите и ќе ги разгледува сите ваши предлози и забелешки кои се во ваш интерес и во интерес на државата во граници на можностите. Се разбира дека  секогаш може и треба да биде подобро и повеќе. Ни забележуваат дека сето тоа е заради пензионерскиот глас. Тоа нема да не дефокусира да работиме како и до сега.  Треба да сме единствени и економски јаки. Другото ќе си дојде само по себе, иако глобализацијата има влијание.

Пензионерите се искусни и мудри луѓе. Тие секогаш се на страната на она што е добро за нив, но и за државата.

Калина С. Андонова

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3