Пример како се прави проект
4.7.2025Предмет: ПРИМЕР КАКО МОЖЕ ДА СЕ АПЛИЦИРА ЗА ПРОЕКТ
Почитуван Претседателе
Во пресрет на донесување на програмите за работа и буџетите за 2026 година во општините и другите субјекти, а со цел да се унапреди работата на здруженијата Ви го доставуваме следниот допис:
Постојат здруженија, членки на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, кои и до сега реализирале проекти со кои го афирмираат своето здружение, но и Сојузот, а се во интерес и на членовите на здружението.
Еден таков пример е ЗП Пробиштип кое има најдено креативно решение како да се вклучи во Проект каде што носител е друг правен субјект. ЗП Пробиштип го реализираше Проектот „Застани и пробај во Пробиштип“ во кој беа вклучени 15 пензионерки – волонтерки. За негова реализација добиени се финансиски средства.
Во рамките на проектот, беа изработени јуфки спакувани во кеси на кои пишуваше:
ЗП Пробиштип
„Застани и пробај во Пробиштип“
Проектот е реализиран во рурални средини и во клубот на пензионери преку едукативни работилници, дегустација и маркетинг. Цел на Проектот е промовирање на домашни локални производи и изготвување Регионална карта на локални производи на Општина Пробиштип.
Имајќи го предвид овој позитивен пример на аплицирање, како и примерите на неколку други здруженија на пензионери, членки на Сојузот, заради значењето на оваа активност Ве потсетуваме како се аплицира за реализирање на еден проект на пример за реновирање на покрив на здружението, поставување волтаици, опремување на клуб на пензионери, реновирање на соби во пензионерски дом и друго...
Постојат два начина за аплицирање и тоа:
- едниот е да се приклучите на некое здружение кое има искуство и заедно со него да аплицирате;
- вториот начин е да најдете проект на некоја веб-страница на пример на страницата на општината, на некоја невладина организација и др. или, пак, сами да предложите проект некаде. Носител на проектот може да биде здружение на пензионери.
Откако ќе се најде или предложи проект се зема готов формулар или се оформува формулар и истиот се пополнува со следните податоци:
- име на апликантот, односно здружението,
- име на проектот,
- лице носител на проектот,
- адреса, улица, број и град,
- телефон, и-меил адреса,
- лице за контакт,
- имиња на тие кои ќе го спроведуваат проектот,
- цел на проектот,
- документ за регистрација на здружението,
- дотогаш реализирани проекти,
- мисија и визија на проектот,
- опис на проектот,
- за кого е наменет,
- очекувани резултати,
- локација каде ќе се реализира,
- време на траење.
По завршување на проектот се поднесува извештај.
Претседател на СЗПМ
Станка Трајкова