Инфо  

Галерии

ЗП Охрид и Дебрца

Наградата „Гран-при“ за КУД „Далги“ на фестивалот „Илинденски денови“

4.8.2022

КУД „Далги“ при ЗП Охрид и Дебрца годинава учествуваше на 52. републички фолклорен фестивал „Илинденски денови“ во Битола. Мотото на фестивалот кој траеше од 18 до 29 јули 2022 година, беше „Од корените до цветот“, а организатор е Центарот за култура од Битола. Покровител на фестивалот е Собранието на РС Македонија.

На овој меѓународен фестивал учествуваа голем број културно-уметнички друштва и ансамбли од Шпанија, Италија, Колумбија, САД, Србија, Полска и Македонија.

КУД „Далги“ со своите 26 членови презентираше изворна староградска охридска песна и игра со која го освои првото место за најуспешна презентација. Со својата автентична сценска изведба, музика и кореографија ја восхити публиката и ја освои за нив најдрагата награда, која им ја доделена петчлена комисија составена од врвни стручни лица од областа на етнологијата, кореографијата и професори од музичките академии од Скопје и Штип. Оваа награда на членовите на КУД „Далги“ и раководството на здружението им дава уште поголем поттик за понатамошно негување на македонската традиција и вековните народно фолклорни и музички вредности.

- За успешна презентација на староградската песна и игра голем придонес и заслуга имаат членовите на ансамблот „Биљана“ од Охрид за што сме им многу благодарни – изјави уметничкиот раководител Ристо Трајкоски.

КУД „Далги“ успешно учествува и на други бројни културни манифестации на пензионерската организација, каде што ќе го покани Општината и други. Оваа година за првпат го изведоа познатото „Охридско бало“, кое потекнува од 19 век. Значајно за ова дело е спојот на културата од Отоманската Империја со европската. Во тој период „балото“ го играле само блиски во крвно сродство и бил познат и како танц на младите.

Активните членови на КУД „Далги“ упатуваат поздрав до сите сегашни и идни пензионери да го продолжат своето здравје со другарување и песна, зошто песната е мелем за душата.

Димитрија Стојкоски Лепи

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3