Инфо  

Галерии

Пробиштип

На „ЗЕЛНИКОТ НА БАБА“ се дружеа над 4 000 посетители

20.3.2022

По две години пауза, поради пандемијата со ковид 19 во самото предвечерие на пролетта, се одржа 9-тото издание на една од најатрактивните етнонастани „Зелникот на баба“, манифестација што ги надмина сите очекувања на домаќините и гостите.

Во организација на Општина Пробиштип, на 19 март на градскиот плоштад „Св. Гаврил Лесновски“ се одржа манифестацијата „Зелникот на баба“, за која од самиот почеток се покажа дека има голем интерес од скоро сите градови од државата кои заедно со домаќините  броеја над 4 000  љубители на македонските традиционални специјалитети од тесто, но доминираше зелникот по рецептот од нашите баби, а  најголем број беа пензионери.

Годинава и покрај олабавувањето на мерките заради пандемијата, домаќините се одлучија да направат рестрикција на учесниците, па така учество земаа 18 здруженија на пензионери од Македонија, а изостана учеството на нашите традиционални гости од Р Србија и од Р Бугарија  кои со своето учество даваа меѓународен карактер на манифестацијата.

Покрај презентацијата на зелници и многу други тестенини, манифестацијата имаше и други содржини, секоја поинтересна од другата. На лице место се месеше тесто, се сукаа корите, се ложеа во тепсија, се ставаше зелјето и се печеше под вршник, како што го правеле нашите баби.

Вештината за брзо сукање, имаше натпреварувачки карактер. На поставените маси  околу фонтаната на градскиот плоштад се натпреваруваа 9 учесници од 9 градови, меѓу кои имаше и едно младо момче, кое докажа дека и мажите се доста вешти во оваа работа. Времето на сите им се мереше, а епитетот најбрза го понесе Живка Блажевска од ЗП Гази Баба - Скопје, која за само 10 минути усука 8 кори и направи превкусен зелник.

Покрај брзото сукање интересна беше и едукативната работилница каде што три жени им покажуваа на неколку девојчиња како се меси тесто, кој е размерот  на брашното и  водата и што друго се става во тестото за на крај да им покажат и како се сука кора.  Жири-комисијата имаше мошне тешка и одговорна задача бидејќи требаше да определи најетно аранжирана и нај богата маса. За најетно уредена и декорирана маса епитетот го понесоа гостинките од ЗП Прилеп.

Манифестацијата „Зелникот на баба“ имаше и хуманитарен карактер. Сите изработки од тесто се продаваа на парче, а собраните средства одат за хуманитарни цели.

По донесувањето на одлуката кои се најдобри, обиколка направи и градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов, кој беше мошне пријатно изненаден од богатите и вкусно подготвени трпези од сите градови учесници на манифестацијата и истата ја оцени како одлична и репрезентативна и за учесниците, но и за градот.

Покрај зелниците и другите специјалитети од тесто, за учесниците и гостите беше подготвена богата културно-уметничка програма со познати  имиња  од македонската фолк-естрада, етносостави од градот домаќин  и игроорците на ФА „Китка“ од Истибање, кои со своите носии го презентираа нашиот богат фолклор.

И учесниците и гостите имаа прекрасен и незаборавен ден, исполнет со многу содржини и понуди на разни производи кои можеа да се купат како спомен од овој настан. 19-ти март и „Зелникот на баба“ долго ќе останат во сеќавање на сите присутни, заради квалитетот, разните содржини и големата масовност.

Милевка Здравковска
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3