Инфо  

Галерии

Премиерот Димитар Ковачевски на работна средба во СЗПМ

Средба со исклучително значење за пензионерите

17.3.2022

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на 7 март оствари работна средба во просториите на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија со раководството на Сојузот. На средбата, покрај претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, присуствуваа и потпретседателот на ИО на СЗПМ  Ментор Ќоку и Менка Темелковска секретар на ИО на СЗПМ и уште неколку претседатели на здруженија на пензионери и членови на комисии. Оваа средба има исклучително значење како за СЗПМ така и самите пензионери кои ќе можат да ги дознаат директните одговори од највисоко ниво на прашањата кои се од посебен интерес за оваа популација. На почетокот на средбата  претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, го поздрави  високиот гостин, премиерот Димитар Ковачевски, му посака добредојде и изрази  благодарност што одвои време да присуствува на оваа средба за да ги слушне нивните барања и да им даде одговор за најважните суштествени прашања за  пензионерите. Претседателката на СЗПМ Трајкова, го запозна премиерот со најзначајните активности во Сојузот во изминатиот период, истакнувајќи ги најважните прашања битни за квалитетен и достоинствен живот на пензионерите. Меѓу другото претседателката Трајкова рече:

- Почитуван премиер, Вашето присуство  на оваа средба е доказ за Вашата грижа за пензионерите,  посебно за нивното здравје кое е многу битно  во третата доба. Во оваа прилика ќе ја спомнам областа од доменот на здравственото осигурување и здравствената заштита на пензионерите, каде што имаме многу прашања за решавање, коишто оваа година повторно ги реактивираме и мислиме дека преку министерот за здравство, под палката на премиерот Ковачевски, барем ако ништо друго еден дел од нив ќе бидат решени. Пензионерите неколку години наназад, а на општо задоволство на сите граѓани, а најмногу на возрасните лица да се донесе позитивната листа на лекови. Тука дури се поставува прашањето, колку тоа е сложено да не може да се донесе таа позитивна листа толку време?  Еве неколку прашања кои беа истакнати на средбата, а поврзани со оваа дејност, кои се битни за нас: Ослободување од партиципација за сите видови од дијагностика до болничко лекување; Продолжување на лимитот до кој пензионерите се ослободени од болничка партиципација, а нашиот предлог е до 18.000 денари; Проблемот во руралните средини и барањето за обезбедување теренски лекар и подвижни аптеки;  Изградба на државни старски домови и субвенционирање на цените во приватните старски домови како би се сместиле и пензионери со пониски пензии;  Донесување национална програма во која ќе бидат разработени сите форми и облици на социјалното домување; Враќање на пензионерските објекти изградени со средства на пензионерите и да се отстапат на здруженијата на пензионери  на трајно користење.    

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, откако на средбата директно ги слушна приоритетните барања и проблеми кои ги мачат пензионерите искажани во  излагањето на  претседателката на Сојузот Станка Трајкова, рече: 

- Ви благодарам на поканата и сакам на почетокот на сите да ви посакам многу здравје и успех на Вас и Вашите фамилии. Онаа што го ветив уште на почетокот е воведување на нова методологија за пензиите, односно нивно зголемување  и финансиска помош на пензионерите бидејќи се најранливи во услови на огромна економска криза, здравствена, а сега и воена криза. Ние разговаравме со ММФ, со Светската банка како меѓународни финансиери на оваа држава, успеавме да добиеме поддршка за да влеземе во разговори за нова методологија и да обезбедиме од буџетот финансиска поддршка во услови кога се зголемени сите цени на енергенсите. Врз основа на тоа,  донесовме одлука за 1.000 денари  како финансиска поддршка линеарно за сите пензионери. Оваа финансиска помош е во година кога имавме најголемо зголемување од 2,9% во првото усогласување во јануари. Усогласувањата ќе се прават во март и април според оваа методологија која ќе биде законска и нема да постојат други членови. Сега имаме методологија каде пензиите се усогласуваат со 50% зголемени трошоци за живот и 50% со пораст на просечната плата. Врз основа на тоа, ќе имаме сега во септември усогласување, бидејќи тогаш Заводот за статистика ги вади официјалните податоци, и во март идната година ќе има повторно усогласување.                 

Претседателката на Сојузот Трајкова во своето излагање акцентираше повеќе сегменти, така што на крајот премиерот ги подели со право на три дела. Најголемиот број се во Министерството за здравство. Тој потенцираше да се достави точна листа на барања  до Владата кои тие ќе ги достават до Министерството за здравство и ќе иницираат да се направи исто така дијалог, како што го направи Министерството за труд и социјална политика.  Вториот дел е во делот на Министерството за труд и социјална политика. А третиот дел е во делот на општините, бидејќи пензионерските домови се дел од општините, преку градоначалниците во ЗЕЛС  да можат соодветно на своите буџети, тоа да го направат со старските домови.        

Васил Пачемски                                    

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3