Инфо  

Галерии

Активности на СЗПМ
Меѓународна соработка
Награди и признанија
Јубилеи
Интересна средба со Миле Топуз

Неуморен творец и во 88-та година

30.8.2020

Господине Топуз, вие велите дека пензионерскиот живот е најубавиот дел од вашиот досегашен живот. Гледајќи ги вашите дела, не е тешко да се разбере зошто, па сепак, објаснете ни, ве молам.

- Јас пензионерскиот живот го започнав три години порано од законскиот рок. Го направив тоа само за да можам повеќе време да посветам на мојата основна желба во животот, да се занимавам со илустрирање на текстови и во последните триесет години, да сликам. Стрипот ми беше хоби во помладите години. Создадов обемен стрипуван материјал за нашата средновековна историја. Денес, за среќа, тој материјал со помош на „Стрип центарот“ од Велес и Министерството за култура го отпечатив. Четири извонредни стрип албуми беа отпечатени и тоа: албум за Цар Самуил, за Цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Добромир Хрс и Стрез – господар на Просек, албум за Климент Охридски, албум со Хацон и Крал Пребонд и албумот за браќата Свети Кирил и Методиј. Со печатењето на овие албуми, се роди желбата нешто од тоа да пренесам и на сликарското платно. Со малку напор успеав да насликам десетина дела од тој период. Како потомок на фамилијата Топузоввци од Крушево, беше неминовно да ја изразам на платно и Илинденската епопеја. Како што гледате со пензионирањето не престанав со илустрирање на книги и сликовници. Тоа го работам веќе шеесет години и на некој начин е дел од моето живеење. Без тоа би се чувствувал како нешто да недостига во мојот живот, – вели стрип мајсторот, илустратор и сликар Миле Топуз.

Непосреден повод за оваа средба е што годинава Миле Топуз е еден од тројцата добитници на големата Меѓународна награда „Гоцева Мисла“. Оваа високо признание се добива за неговиот придонес во културолошката мисија, односно развој и негување на културата и уметноста, како дел од соработката и поврзувањето меѓу народите. Наградата се доделува по повод роденденот на Гоце Делчев, 4-ти февруари, а е инспирирана од Гоцевата знаменита мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.

Инаку Миле Топуз, доајенот на македонскиот стрип и илустрација како што споменавме и денес плодно создава уметнички дела и илустрации иако овој месец наполнува 88 години! Во врска со стрип-творештвото, Миле ни откри уште, дека голема сатисфакција му претставува сознанието дека и тој има свој придонес во развивањето на стрип-културата во земјава, во одржувањето на интересот за стрипот кај возрасните, но и за зголемувањето на бројот на млади стрип-љубители и творци.

Покрај со стрипот и илустрацијата, за време на целиот творечки период, Миле се дружел со четките и боите, тоа го прави и сега, уште поинтензивно, со голема радост, илустрирајќи и создавајќи слики за сето она што го опкружува, за убавините на природата, за убавините на животот. Неговите илустрации се дар на неговите внуци, но и на сите деца.

За Миле денот од 24 часа е премал да го направи сето она што го сака, што го замислил и може да го направи. Подолго време со сопругата Рада, која е неговата силна поддршка, престојува во викендичката која скоро цела, сам ја направил. Од секој дел од неа блика неговата уметничка дарба, умешност и трудољубивост. Негово дело се лозјето, градината во која произведува многу градинарски култури, цвеќињата … Ама и ракијата и виното со кои ги послужува гостите, се исто така негово дело. Има време и за другарување со внуците и со пријателите, за спортување, со години бил пасиониран нуркач. Има време како што рековме и за сликање, со својата уметничка умешност да ни го покаже сето она што ние без него нема ни да го забележиме. На прашањето од каде толкава енергија еве го одговорот:

- Бездруго, од мудроста на сфаќањето на животот. Од негативните влијанија треба да се ослободуваме со работа без разлика во кој животен период се наоѓаме. Третата животна доба е доба на жетва, доба на мудрост, доба на трпеливост, можност за исполнување на многу мечти, – вели неуморниот творец Миле. Витален, тивок, работлив, чекори низ пензионерскиот живот со неуморни чекори, потврдувајќи дека човек е млад колку што се чувствува млад. Веројатно секој од нас би посакал да си доживее шеесет годишно творештво и 88 години живот, па и повеќе во работна и творечка кондиција како што е Миле Топуз.

Ц. Илиева

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3