Инфо  

Галерии

Очекувано усогласување на пензиите

20.6.2022

Како што е познато едно од најважните  прашања за пензионерите е усогласувањето на пензиите. Во последно време интересот за зголемување на пензиите е значително присутен во јавноста, особено кога престана исплатата на  додатокот 1.000 денари  со исплатата на јунската пензија.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, објавен во службен весник на РСМ број 67 од 18.3.2022 година е утврдена новата методологија за усогласување на пензиите кое се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во РСМ во висина од 50%.

Со овие измени и дополнувања е утврдено дека на овој начин пензиите се усогласуваат на 1-ви март и на 1-ви септември, секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие  и процентот  на порастот на исплатената плата на сите вработени во РСМ во претходното полугодите во однос на полугодието кое му претходи.

Покрај регулативата за новата формула за усогласување на пензиите, со овие измени на секој пензионер со исплатата на пензијата за месеците март, април и мај се исплатуваше и додаток кон пензијата од 1.000 денари.

Во пресрет на очекуваното зголемување на пензиите, а и како редовна и одговорна задача на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, како легитимен преставник на пензионерите, се грижи за материјалната и социјалната сигурност на корисниците на пензија, особено во услови кога трошоците на животот драстично се зголемуваат.

За таа цел Сојузот го следи движењето на параметрите  за порастот на индексот на трошоците на животот и порастот на платите на вработените, според кои параметри се врши усогласување на пензиите и тоа 50% од порастот на трошоците на животот и 50% од порастот на платите.

Во периодот јануари – мај 2022 година, според званично  објавените статистички податоци од Државниот завод за статистика, порастот на трошоците на животот во споредба со трошоците на животот во второто полугодие од 2021 година изнесуваат 5,78%, додека порастот на платите во периодот јануари - март 2022 година во однос на платите во второто полугодие од 2021 година изнесува 4,32%.

Според овие податоци процентот на зголемување на пензиите би изнесувало 5,05% (50% од пораст на плати и 50% од пораст на трошоци на животот).

Доколку продолжи порастот на платите и во периодот април – јуни 2022 година и трошоците на животот во јуни 2022 година се очекува дека процентот за усогласување на пензиите од 1-ви септември 2022 година ќе биде над 5%.

 Просечната пензија во РС Македонија изнесува 16.339 денари и споредена со просечната плата во износ од 31.080 денари учествува со 52,6%, а најниската пензија од трета група изнесува 10.791 денари. Меѓутоа, со очекуваното усогласување на пензиите ќе се зголеми и просечната пензија и нејзиното  учество во  просечната плата, а ќе се зголеми и најнискиот износ на пензиите.

Покрај овие мерки и согледување на стандардот на пензионерите, паралелно, се утврди и вредност на пензионерска кошничка кој текст е објавен во овој број на весникот, а ќе биде објавен и на веб-страницата на Сојузот.

Исто така, реални се заложбите на Сојузот во услови на значителен пад на стандардот во рамките на најавените кризни мерки Сојузот како легитимен претставник на пензионерите и гласноговорник,  да бидат вклучени и корисниците на пензија со ниски пензии, кои  заради возраст не можат  да обезбедат дополнителни приходи. Овие мерки се значајни бидејќи во државата има околу  328.000 пензионери од кои  50%   користат пензија до 14.000 денари.

Станка Трајкова, претседателка на СЗПМ

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3