Инфо  

Галерии

Средба на претседателот на државата Стево Пендаровски со претставници на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија

5.3.2022

На 4-ти март 2022 година Претседателот Стево Пендаровски прими претставници на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

На средбата претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија го информираа Претседателот Пендаровски за работата и активностите на најбројната  асоцијација во која членуваат 53 здруженија со околу 280 000 пензионери, здружени со цел заштита и унапредување на заедничките интереси и права на корисниците на пензија во државата.

На средбата претставниците на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија ги истакнаа нивните приоритети кои се насочени кон поцелосно и единствено залагање за остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, за поквалитетна здравствена заштита, за унапредување на културните, спортските и хуманитарните активности и потреби на пензионерите.

Претседателот Пендаровски ги поздрави заложбите на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, изразувајќи ја својата поддршка за нивната работа и притоа потенцирајќи ја грижата на Сојузот кон своите членови, особено кон оние со ниски пензии, преку хуманитарни  и волонтерски активности.

На средбата покрај другото, стана збор и за соработката на Сојузот со општините и локалната самоуправа, соработката со други здруженија, невладини организации и фондации, како и со пензионерски асоцијации од други земји од опкружувањето и пошироко.

Во 2021 година, Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија прослави 75 години од пензионерското организирање во нашата држава и по тој повод претседателката на Сојузот Станка Трајкова му врачи во име на Сојузот плакета на претседателот Пендаровски во знак на благодарност за поддршката која ја имаат пензионерите од него лично и од државата.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3