Новости

Успесите се заеднички со подобро информирање

Меѓусебна соработка и информирање меѓу Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и Здруженијата на пензионери

Да се напише овој текст беше инициран од наводите на некои претседатели на здруженија на пензионери, како потреба да се согледа меѓусебната поврзаност и соработка меѓу Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и Здруже­нијата на пензионери, негови членки, кои се најзначајни чинители во пензионерското организирање во нашата земја.

На почетокот се оценува дека е  добро  да се даде информација дека целите и задачите на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија се таксативно утврдени, односно наведени во членот 11 во   Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Во овој текст ќе биде издвоена само статутарната регулатива од членот 11, дека една од поважните цели на Сојузот е претставување пред државните органи во заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварување на поцелосна и поквалитетна здравствена заштита, збогатување и унапредување на културните, спортските и социјално-хуманитарните потреби на корис­ни­ците на пензија.

Понатаму, значајна е и одредбата на членот 4 од Статутот, а во оваа прилика акцент ќе се даде на ставот 4, каде е утврдено кои материјали, информации од стра­на на Здруженијата на пензионери треба да се доставуваат до Сојузот на здру­женијата на пензионерите на Македонија, а во членовите 17 и 22 е утврдена обврската  до делегатите и здруженијата, Сојузот да  доставува записници од седниците на Собранието и Извршниот одбор, со цел да бидат информирани Здружени­јата на пензионери - членки на Сојузот, за неговата работа.

Во примената на овие статутарни цели преточени,  адекватно во програмите за соодветната година, за изминатиот период,  како обврска и активност на СЗПМ ќе се наведат покруцијалните активности што Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ги  направи за да го унапреди пензионерското организирање, и тоа:

Прво - Континуирано беа претставувани целите на пензионерите пред државните органи, особено како што е наведено во членот 11, во заштита на правата од пензи­ското и инвалидското осигурување, и тоа со барања и иницијативи за унапредување на формулата за усогласување на пензиите со предлози и за дегресивно усог­ласу­вање на пензиите, покачување на износот на минималната пензија, и многу важното прашање пензиите да се усогласуваат од 1 јануари и од 1 јули во тековната година, наместо од 1 март и 1 септември, за на пензионерите да не им се скратуваат цели 4 месеци од тековното  усогласување на пензиите. Овие предлози и мислења се доставени до работната група на Владата.

Исто така, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија изнесе и свое мислење и предлози како потреба од реформи во пензискиот систем заради обезбе­дување на финансиска стабилност на Фондот на ПИОМ на подолг рок. Мислењата и предлозите беа објавени во весникот "Нова Македонија" и весникот „Пензионер плус".

За заштита на материјалниот статус на пензионерите Сојузот оваа година побара и еднократна парична помош за пензионерите пред големите државни, односно верски празници.

Барање, како грижа за стандардот на пензионерите е и предлогот од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија,  да може пензионерот да работи и да му се исплатува целиот износ на пензијата.

Доставени се и предлози за следење и промени во задолжителното пензиско капитално осигурување (втор столб), бидејќи постои меѓусебна поврзаност и завис­ност на државното и капиталното пензиско осигурување.

Второ - Постојано беше реактивирано барањето за покачување на лимитот до кој пензионерите се ослободени од болничка партиципација, ажурирање на позитивната листа на лекови, како и враќање на правото за целосно ослободување од партиципација на пензионерите, од дијагностика до болничко лекување.

Трето - Сојузот заедно со Здруженијата на пензионери континуирано се залага за изградба на државни старски домови, со цени кои ќе се компатибилни со висината на македонските пензии, а НАЈКРУПНИОТ ЧЕКОР, Е ПРВПАТ КРЕНАТИОТ ГЛАС ВО ИСТОРИЈАТА НА ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА СЗПМ, пензиските објекти сукцесивно да се отстапуваат на Здруженијата на пензионери, бидејќи ноторно е познато дека тие се изградени со средства на пензионерите. За да се даде целосна слика за пен­зи­ските објекти Сојузот подготви Информација во која беа обработени пензиските домови, старските домови и социјалните сервиси и истата беше доставена до Владата на РС Македонија. Паралелно со подготовката на Информацијата за здру­женијата беа подготвени и обрасци на барања за отстапување, кои ЗП ги под­несуваа до Владата.

Имајќи предвид дека прашањето со пензиските објекти е с¢ уште отворено, како следен чекор кој е во постапка е да се нивелира поранешната Информација, и по дадените совети на Комисијата за општествено-политички систем на Владата, повторно да се достави до државните органи.

За одбележување се и активностите за унапредување на пензионерските спор­тски натпревари, како и насоките за одржување поквалитетни и посодржајни ревии на песни, музика и игри, кои го одразуваат нашиот идентитет и традиција.

Досега првпат во работата на Сојузот се успеа да се обезбеди донација на спортски реквизити за сите здруженија на пензионери кои им беа поделени. Вакви донации за спорт и друго за опремување на Клубовите ќе има и во наредниот период.

Во меѓувреме, во контекст на активностите на Фондот на ПИОМ околу статусот на пензионерските објекти, се советуваа Здруженијата на пензионери да го имаат предвид членот 17 од Правилникот на Фондот, дека во општини каде што има пензиски објект, Фондот треба да го отстапи на Здружението на пензионери за извршу­вање на нивните активности, ако објектите се користеле повеќе од 40 години, без надоместок!

Четврто - Листата на активности во интерес на пензионерите, членови во здру­женијата, е многу долга, но овој пат ќе наведеме дека секогаш интервентно се дејс­твува од страна на Сојузот по сите прашања значајни за пензионерското орга­низирање, како што е барањето да се задржи сегашната организациона поставе­ност на Сојузот и Здруженијата, потоа солидарниот фонд кој несомнено е многу значајна област во интерес на пензионерите, унапредување на правната рамка на Законот за здруженија и фондации со давање материјална и институци­онална поддршка на Здруженијата на пензионери и Сојузот.

Во изминатиот период се работеше и на најважните проблеми околу регистрација на Здруженијата на пензионери во Централен регистар, со укажување на Центра­лниот регистар за злоупотреба на правото на првенство и изразените незадоволства од некои Здруженија на пензионери.

За некои претседатели на Здруженија на пензионери на кои не им е јасно што работи СЗПМ е можеби пропуст на Сојузот на здруженијата на пензио­не­рите на Македонија што досега не ги информирал на овој начин, бидејќи се смета­ше дека со читање на весникот Пензионер плус", веб-страницата на СЗПМ, материјалите кои континуирано се доставуваат по имеил и по ПОШТА можеле тоа да го согледаат, но една од темите на следните работни средби ќе биде и оваа, иако Сојузот е секогаш подготвен да ги појасни своите надлежности и активности.

Во оваа прилика се наведуваат и Препораките на Собранието со цел да им се помогне на Здруженијата за решавање на одредени прашања, а не тие да се дезавуираат - игнорираат под изговор на тоа дека Здруженијата се самостојни правни субјекти иако препораките се во заеднички интерес.

Сојузот согласно препораките на Европската комисија, им препорачува на здруженијата изборите да бидат слободни и без никакви политички влијанија за да се изберат најстручните, најдобрите и најзаслужните.

На крајот, се истакнува дека меѓусебното информирање ќе продолжи и пона-таму и Сојузот ќе побара и Здруженијата на пензионери да го информираат за значајните прашања, бидејќи слободно може да се каже дека тој број не е доволен и затоа нивните досиеја се празни за разлика од некои здруженија кои заслужуваат да ги дадеме за пример: Кичево, Тетово, Тафталиџе, Гостивар, Сарај, Солидар­ност - Аеродром, Ѓорче Петров и др.

Сосема на крајот, Здруженијата на пензионери знаат и треба да ги ценат напо­рите на СЗПМ за евидентирање, миграција и уточнување на членството по здруже­нијата, а и активноста на членот од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија во Управниот одбор на Фондот каде што неговата активност е видна  од записниците кои се доставуваат до Извршниот одбор на Сојузот.

Од изложеното се гледа дека областа пензионерско организирање е огромна и добро би било и некои претседатели на Здруженија да обработат некоја тема, да предложат проект и истиот да го достават до Сојузот на здруженијата на пен­зионерите на Македонија, а не да дејствуваат деструктивно со своите акти­вности во подривање на пензионерското организирање, без да се осврнат што имаат ТИЕ направено во пензионерското организирање во пошироки размери за сите корисници на пензија.

Станка Трајкова,
претседател на СЗПМ