Новости
Закон за работно ангажирање на лица
1.Законот за работно ангажирање на лица е објавен во Службен весник на РСМ број 269, а стапи во сила од 1 јануари 2026 година. За овој закон се интересираа корисниците на пензија бидејќи се најавуваше дека со нивно работно ангажирање нема да се врши запирање на исплатата на пензијата.
Истовремено, со донесувањето на овој закон се извршија паралелни измени и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување заради меѓусебната поврзаност во имплементација на Законот за работно ангажирање на лица како и во Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност како и Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Со членот 1 на Законот за работно ангажирање на лица е утврден предметот на уредување, условите за работното ангажирање на лице на работи со привремена или сезонска природа, права и обврски на ангажираното лице и работодавачот, постапката на пријавување, плаќањето на данок од личен доход, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за здравствено осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување.
Целта на овој закон за работно ангажирање на лицата е задоволување на потребата кај работодавачите за работна сила и формализирање на неформалнaта работа (член 2).
Значајно е да се истакне дека работното ангажирање е од повремена или сезонска природа во одредени дејности и не претставува работен однос согласно со Законот за работните односи.
Според одредбите на членот 5 работодавачот може да ангажира лице за вршење определен вид на работи од повремена или сезонска природа во дејности од земjоделство, шумарство, рибарство; во објекти за сместување и сервисни дејности за храна и дејности на домаќинство, како работодавач. Во сите споменати области каде што може да се ангажираат лица поблиску и конкретно е наведен и видот на работата. За пензионерите е битно дека во секторот Домаќинство овие ангажирани лица може да се ангажираат и за чување стари лица и за чистење.
Работодавач кој ќе има потреба од работно ангажирање лица може да биде правно и физичко лице, а не може да биде приватна агенција за вработување односно таа не може да посредува при вработување.
Во членот 9 од Законот за работно ангажирање е утврдено дека работно ангажирано лице може да биде: лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно со општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите да засноват работен однос, студент, корисник на семејна и старосна пензија со исклучок на корисник на семејна пензија по основ на неспособност за самостоен живот.
Пријавување и одјавување на лицата работно ангажирани се одвива преку Агенцијата за вработување на Северна Македонија, а ангажирањето може да трае најмногу 120 дена или најмногу 180 дена во зависност во која област се одвива вработувањето. Исто така, лицето може да биде ангажирано кај повеќе работодавачи, но не повеќе од 12 часа во текот на денот како и фактот дека лицето кое пред 12 месеци било во работен однос кај работодавачот не мoже да биде работно ангажирано. Овој работодавач може работно да ангажира вакво лице само ако работниот однос му престанал поради исполнување на условите за старосна и семејна пензија.
Со Законот за работно ангажирање утврдени се соодветни права и обврски односно лицето може да работи најмногу 12 часа на ден, односно најмнoгу 48 часа неделно со право на паузи, дневен и неделен одмор, да биде запознаено за условите за работа, за ризиците поврзани со работниот ангажман. Ангажираното лице има право на надоместок за извршениот работен ангажман, придонес за пензиското и инвалидското осигурување, дополнителен придонес за здравствено осигурување, да биде известено за прекинот на ангажирањето, третман без дискриминација и насилство. Покрај правата, работното лице има и должности, а тоа е пред сè, совесно ангажирање и секако почитување на работното време и давање информација 12 часа претходно дека го откажува работното ангажирање.
Значајно е да се даде информација дека работодавачот е должен да го пријави лицето во Агенцијата за вработување, да му исплати паричен надоместок за работниот ангажман, за секој час на работно ангажирање кој не може да биде понизок од минималниот основен нето-паричен надоместок кој се пресметува од минималната плата и го утврдува министерот за економија и труд, а потоа се објавува во Службен весник на РСМ.
Значајна околност за пензионерите и корисник на право на социјална сигурност е што со работното ангажирање не се губи веќе стекнатото право. Интересна е регулативата дека според член 21 работодавачот е должен до 10 часот да го пријави лицето, ако лицето работи прeтпладне, а ако лицето работи попладне обврската за пријавување е до 22 часот.
За реализацијата на овој закон утврдена е обврска за размена на податоци и тоа меѓу Министерство за економија и труд, Министерство за образование и наука, Министерство за финансии - Управа за јавни приходи Фонд на ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување и Инспекторатот за труд надлежен за спроведување на законските надлежности. Во овој контекст работодавачот има обврска да води целосна евиденција пропишана со закон, а законодавецот утврдил дека пријавување и надградба на системот на УЈП ќе се воспостави до 1 јануари 2026 година, кои законски нормативи се содржани во одредбите за надзор и контрола.
2. Во Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (Сл. весник на РСМ број 269 од 31 декември 2025 година), е утврдено дека работно ангажираното лице не го губи статусот на невработено лице ниту се брише од евиденцијата. Со членот 2 на овој закон лицето работно ангажирано не го губи и правото на паричен надоместок што е многу значајно за невработените лица.
3. Со Законот за измени и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување работно ангажирани лица за вршење на работи од привремена или сезонска природа се утврдуваат во кругот на осигуреници (член став 11 став 15).
Најбитна информација за пензионерите е дека со овие измени во членот 9 (постојниот член 148) на работно ангажираните лица не се запира исплатата на пензијата.
4. Со членот од Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување број 267 објавен во Сл. весник на РСМ од 30.12.2025 година со кој износот на придонесот е 1/30 од висината на најниската основица за пресметка и уплата на придонесот, за секој ден на работно ангажирање, независно од договорениот паричен надоместок и од часовите за кои лицето е ангажирано. Со членот 6 е утврдено придонесот за здравствено осигурување наместо 13% да изнесува 11,8%.
На крајот во врска со овој закон за работно ангажирање ќе се согледа интересот за работно ангажирање на пензионерите во областите каде што можат работно да бидат ангажирани и по тој основ да си го подобрат својот материјален статус.
Овој нов Закон за работно ангажирање го поддржаа еден дел од пензионерите, но останатиот дел останува на предлозите да се создаде правен основ да можат пензионерите да засноват работен однос без да им се запира исплатата на пензијата или да им се исплатува дел од пензијата, по примерот на земјите од нашето опкружување.
Натамошни размислувања одат во насока, пензионерите што работат по договор за дело за нив работодавачот покрај персонален данок да плаќа и повластен придонес за пензиско и инвалидско осигурување, односно помалку од сегашниот придонес од 18,8%. Се смета дека така ќе се постигнат две цели и тоа: подобар материјален статус на пензиoнерите и несомнено дека ќе има и ”полнење” на пензиската каса.
