За нас Организација Програма Документи Контакт СЗПМ  
 
 
  За нас  
Страници на здруженија

Според податоците со кои располагаме, неколку пензионери од Охрид, меѓу кои: Кипро Илиески, Илија Царцароски, Сандре Голабоски и Ставре Шибакоски, на 20 мај 1949 година се договориле да формираат Здружение на пензионери, по примерот на Републичко здружение во Скопје од 1946 година. Во почетокот оваа иницијатива ја прифатиле педесетина пензионери од Охрид. Раководството на Здружението се состанувало почесто и ги помагало пензионерите во остварувањето на нивните права за добивање на пензија, навремена исплата на пензијатa и добиените разлики, правото на детски додаток, заверување на книшки и слично. За решавање на сите прашања раководството на пензионерското здружение имало чести контакти со надлежните органи во општината и на ниво на Републиката. Првите состаноци се одржувале во приватни куќи, а потоа е обезбедена работна просторија во Основното училиште „Братство-Единство“.

ОД зачуваните архивски документи Здружението на пензионерите за Охрид и околија Охридска, официјално е формирано на Првото годишно собрание, одржано на 20 јуни 1950 година, а одобрение за формирање дал Сојузот на синдикатите на НБМ. Седиштето на Здружението било на улица „Климентска“ бр. 3. Здружението имало задача да го помага членството во врска со остварување на своите права кои произлегуваат од Законот за пензионерско и инвалидско осигурување, колективно учество во општествените дејности на заедницата (културни, социјални, здравствени и др.), на членството во случај на смрт, помагање на членовите со ниски пензии и др. Највисок орган на Здружението било Собрание, а за спроведување на одлуките се грижел Управен одбор и Надзорен одбор. Раководната структура на Здружението ја сочинувале претседателот, секретарот и благајникот.

Првиот претседател на охридското здружение на пензионерите Кипро Илиески потекнува од сиромашно земјоделско семејство од селото Збажди, Малесија. Тој бил еден од ретките учени луѓе од овој крај во негово време. Бил учесник во Илинденското востание а од 1912 година работел како учител во селото Збажди, а својата просветна работа ја продолжил во Охрид, каде што се пензионирал. Како пензионер во Охрид бил доста активен и како резултат на неговата активност, уште со неколку свои другари, го формирал првото Здружение на пензионери, по примерот на Здружението на пензионерите на Македонија.

Денес здружението брои околу 10.400 пензионери кои се организирани во 21 Месни ограноци. Секој Месен огранок има свој Месен одбор на чело со претседател.

 
  изработено од Medium 3