За нас Организација Програма Контакт СЗПМ  
 
 
  ПРОГРАМА  
Страници на здруженија

Програма за 2016 на ЗП Прилеп

Програмата на Здружението на пензионери на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени  се одвива преку програмите на петте комисии и тоа:

  • Комисија за културно забавен живот
  • Комисија за спорт
  • Комисијата за здравство
  • Комисијата за одмор и рекреација
  • Актив на пензионерки - Секција на жени пензионерки

Комисија за културно забавен живот
Комисија за културно забавен живот, при Здружението на пензионери на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, целокупниот културно забавен живот го програмира, организира и реализира врз основа на Програмата за работа на Комисијата за културно забавен живот на ИО на СЗПМ за 2016 година и Правилникот за ревии, песна, музика и игри на СЗПМ, донесен во октомври 2011 година. КЗЖ во текот на 2016 година и понатаму ќе се залага за:
-поголема  опфатност на пензионерите во активностите и манифестациите со цел да се збогати и прошири културно забавниот живот;
-учество на што повеќе манифестации организирани по повод на најразлични значајни настани, празници и јубилеи на локално, регионално и државно ниво и
-успешно презентирање и афирмирање  на македонските изворни  и староградски  песни, игри , музика, носии и обичаи од нашиот крај, односно соодветно презентирање и зачувување на нашето фолклорно творештво и наследство. КЗЖ во текот на 2016 година ќе настојува успешно да се реализираат програмските задачи и активности. КУД Пензионер и КУД Пенка Котеска ќе пеат, ќе свират, ќе играат и ќе се дружат, се со цел нив и на сите други пензионери, кои ќе ги гледаат и слушаат, овие години да им бидат поисполнети, повесели, поведри, порадосни и полесно да им минуваат деновите од третата животна доба. КЗЖ ќе настојува двете КУД Пензионер и Пенка Котеска на сите настапи успешно да не презентираат како ЗП Прилеп и како град Прилеп. Успешното остварување на целите и задачите во 2016 година многу ќе зависи од ангажираноста на КЗЖ, техничките и уметничките раководители на двете КУД и од сите членови на друштвата. Со цел успешно да се реализираат програмските цели и задачи, поврзани со културно – забавниот живот на пензионерите, КЗЖ ќе соработува со органите и телата на ЗП Прилеп, со Секцијата на жени при ЗП Прилеп, со Комисијата за културно забавен живот на СЗПМ на РМ и со другите ЗП од РМ.

Комисија за спорт
Како појдовна основа за изготвување на оваа програма за работа на Комисијата за спорт во 2016 година, беа одредбите на Статутот на ЗП Прилеп. Комисијата за спорт исто така го имаше предвид и Правилникот со пропозициите за организирање  и спроведување на пензионерските спортски натпревари и игри,  усвоен од страна на Извршниот одбор на СЗПМ. Со одредбите на овој правилник, подетално се  определуваат пропозициите  за начинот на организација и спроведување на пензионерските спортски игри, спортските дисциплини и условите под кои се одржуваат спортските натпревари на општинско, регионално и републичко ниво. Животниот век на човекот, гледано неколку години наназад, е продолжен и се повеќе поединци доживуваат подлабока старост. Наспроти нив поголем  е процентот на старите лица  со лошо здравје и неспособност за поквалитетен живот. Редовната физичка активност, покрај другото е еден од факторите кој допринесува во голема мерка, за зачувување  на здравјето и успорувањето на стареењето. Заради тоа треба што повеќе да се спортува, вежба, рекреира. Така полесно, побезболно се победуваат годините, а движењето е половина здравје. Со самото стареење секако дека се чувствува се поголема немоќ- неспособност за извршување на секојдневните обврски, а со спортувањето таа немоќ се намалува, па обврските полесно се извршуваат. Затоа, како комисија за спорт при ЗП Прилеп, и оваа година како и претходната ќе се залагаме што повеќе пензионери да се вклучат во спортските активности. Право на учество на Општинските, Регионалните и Републичките спортски натпревари имаат пензионерите кои се членови на ЗП Прилеп, кои според Статутот се старосни и семејни пензионери. Натпреварувачите можат да учествуваат на Општинските натпревари во две дисциплини, а на Регионалните и Републичките натпревари само во една дисциплина. Програмата, по нејзиното донесување и одобрување од страна на органите на ЗП Прилеп, ќе им биде достапна на сите ограноци, а тие се должни подетално да го запознаат своето членство, а заинтересираните пензионери да се пријават кај стручната служба на ЗП или кај Комисијата за спорт. Пријавувањето ќе се врши во периодот од 01 до 31 март 2016 г. Подетални информации за тоа која дисциплина ќе се одржува натпреварот, Комисијата за спорт ќе истакне соопштение на огласната табла на ЗП Прилеп. Со цел да им се даде поголема транспарентност на овие натпревари, ќе се даде известување и преку јавните медиуми. Секоја година натпреварите се одржуваат во месец април, па така и оваа 2016 година општинските натпревари се планирани за месец април. За таа цел ќе бидат формирани и посебни тела и одговорни лица за одредени дисциплини. По завршување на Општинските натпревари, ќе бидат формирани екипи и одредени поединечни натпреварувачи во одделни дисциплини, кои ќе учествуваат на Регионалните натпревари. Обично Регионалните натпревари се одржуваат во месец јуни, па дотогаш ќе има доволно време за тренирање и припреми на екипите и поединечните натпреварувачи за постигнување на подобри резултати.  Нашето здружение спаѓа во третиот регион, меѓу осумте региони, колку што има на ниво на РМ, заедно со ЗП од Битола, Демир Хисар, Крушево и Ресен. На овие натпревари наша заложба ќе биде да обезбедиме натпреварувачи во сите 11 дисциплини, со вкупен број од 50 натпреварувачи. По одржувањето на Регионалните натпревари ќе се знае кои екипи и поединци ќе учествуваат на Републичките спортски натпревари кои се одржуваат во месец септември под надзор на Републичката комисија за спорт. Републичките натпревари се одржуваат во прилично јака конкуренција, која од година во година е се поизразена. И во 2016 година ќе настојуваме успехот да го подобриме, односно ќе се стремиме да го освоиме првото место во РМ. Во 2015 година го освоивме третото место после ЗП од Охрид и Куманово. Комисијата за спорт е на мислење дека ги има сите предуслови за работа и постигнување на подобри резултати.

Комисијата за здравство
Основната цел на оваа комисија е здравствената и социјалната заштита на пензионерите на општините  Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Транзицијата на нашето општество не го одмина ни здравството  и промените во здравствениот систем  се одразија на здравствената заштита на пензионерите. Многу често, скоро секоја недела  министерот за здравство најавува разни промени врз здравствениот систем, се со цел подобрување на здравствената заштита на пензионерите  во амбулантите и болниците. Здравството и социјалата бараат издвојување на значајни финансиски средства. И во 2016 година остануваат нерешени голем број на проблеми, кои се во врска со снабдувањето со лекови од позитивната листа, партиципацијата на пациентите- пензионери  во цената на здравствените услуги, како и други проблеми поврзани со оваа дејност, па заради тоа комисијата ќе ги насочи своите активности во оваа сфера. Области на дејствување:
- Снабдувањето со лекови од позитивната листа  и дистрибуција – Во рамките на расположливите финансиски средства да се бара зголемување на бројот на аптеки за набавка на лекови од позитивната листа. Исто така, позитивната листа треба да се прошири со нови лекарства, а партиципацијата да се намали. Треба да постои тенденција на намалување на цените на лековите така да можат сите граѓани да се снабдуваат со лекарства. Партиципацијата во трошоците за болничко лекување претрпи извесни промени. Имено, голем број на пензионери со пензии до 12.000,00 денари се ослободени од партиципација за болничко лекување. Партиципацијата за останатите пензионери со пензии над 12.000,00 денари и понатаму останува. Комисијата по ова прашање има јасен став, а тоа е целосно укинување на партиципацијата во сите здравствени установи за сите пензионери.
- Еднократна неповратна парична помош - Комисијата предлага сума од 900.000,00 ден. наменета за неповратна парична помош да се предвиди во финансискиот план за 2016 година, со што би се задоволиле барањата за ваква помош на пензионерите, кои од година во година се се побројни. Комисијата очекува бројот на баратели во 2016 година да биде околу 200. Инаку од 2004 до 2015 година ваква помош искористиле 1382 пензионери.
- Климатско и бањско лекување – Комисијата предлага во финансискиот план за 2016 година да се предвидат 200.000 денари за оваа намена. Бесплатната бањско – климатска рекреација за пензионерите како проект на Владата на РМ, се надеваме ќе се реализира и во 2016 година преку Фондот за ПИОМ. На значителен број на пензионери од нашата општина им се одобрува ваква бањско -  климатска рекреација.
- Акција за преглед на пензионери – Комисијата е на мислење и во 2016 година да се спроведе акција за пружање на медицински услуги во здружението и тоа: мерење на крвен притисок, одредување на шеќер и маснотии во крвта. Истата да биде еднодневна и да се повторува повеќе пати, во пролет и во есен во клубот на пензионери.
- Предавања од областа на здравството – За подобрување на здравствената култура на пензионерите, а особено за запознавање со некои чести ризични фактори за здравјето и животот, како и за некои заболувања кои го загрозуваат телесното и менталното здравје на човекот, во 2016 година се планира да се одржат неколку предавања и тоа: актуелни срцеви заболувања – коронарни заболувања и срцев инфаркт; алкохолизам и сообраќајни незгоди, како честа појава во човечката патологија и судската медицина; ризични фактори за здравјето и животот на човекот
- Меморандум за соработка меѓу СЗПМ и ЗЕЛС – Комисијата ќе се залага и во 2016 година за отворање на нови канцеларии и клубови за потребите на ограноците во здружението. Во овие клубови пензионерите ќе го исполнуваат слободното време со следење на дневен печат, телевизија, играње на шах, домино, пикадо и со исполнување на други активности.
- Градски превоз во Прилеп – Комисијата ќе се залага за воведување на денови во неделата во кои пензионерите ќе користат бесплатен превоз во градскиот сообраќај. За реализирање на оваа замисла, ЗП Прилеп му понуди на градоначалникот, ЗП годишно да му исплати сума од 300.000 денари на ЈП за јавен градски превоз, а за возврат пензионерите бесплатно да се возат два пати во неделата ( среда и сабота ). Доколку овој предлог не се прифати, тогаш ЗП и во 2016 година да издава по 1 возна карта на пензионерите, до висината на средствата за оваа намена, односно до 300.000 денари.
- Хуманитарна помош на пензионерите со ниски примања – За оваа намена се предлагаат средства во износ од 100.000 денари, за да можат 100 пензионери да подигнат роба за 1.000 денари како помош. Изборот на овие пензионери го прават претседателите на ограноците од редот на пензионерите од огранокот и бројот се определува сразмерно на вкупниот број на пензионери по ограноци.

Комисијата за одмор и рекреација
За календарската 2016 година оваа предлог програма  ја доставува до ИО на ЗП Прилеп и до месните ограноци на јавна расправа. Доколку има оправдани забелешки, ќе бидат разгледани изнесени во програмата од страна на Собранието на ЗП Прилеп, после кое таа ќе стане конечна и ќе може да се применува во 2016. Основната цел на оваа програма е пензионерите да ги надградат своите здравствени и рекреативни потреби, физички да зајакнат и духовно да се одморат, да ги заборават секојдневните монотони активности во семејството, да се дружат и да бидат задоволни од овие  нивни потреби. Ова задоволство да го пренесуваат во своето семејство и надвор од него. Со програмата комисијата за одмор и рекреација оваа година предвидува да се изведат 8 редовни екскурзии и една вонредна и тоа:
- 7 редовни екскурзии во Република Македонија за кои пензионерите плаќаат партиципација од 100 денари
- една надвор од РМ, со два автобуси со партиципација од 200 денари, а трошоците за евентуално ноќевање и ручек да си ги сносат учесниците на екскурзијата
Комисијата работата ја врши волонтерски, без надоместок. Потребно е да се ангажира лекар за да биде присутен меѓу пензионерите, да се грижи за здравјето и ако има потреба да интервенира.

Актив на пензионерки - Секција на жени пензионерки
И за оваа 2016 година, активностите  ги групираме во зависност од нивната природа:
1.Културно забавен  дел: Предавања; Програма по повод одредени датуми; Литературна активност; Посета на музеи
2. Хуманитарни активности
3. Дружења: Излети во околината на Прилеп и подалеку; Посета на Активи на пензионерки од други градови
4. Музички дружења
5. Дружења во петок попладне во Клубот на ЗП
6. Организациски дел од програмата – состаноци на одборот на СЗ –редовно планирани четири пати во годината и состаноци по повод организирање на одредени програми и празници (8-ми Март, 20 Септември и др.)

За одредени активности потребни се финансиски средства кои би ги одобрило Собранието, а дел како партиципација од самите пензионерки.
 
  изработено од Medium 3